Министерот за економија Крешник Бектеши денешната прес – конференција информираше за последните измени и дополнувања на Законот за минерални суровини, на кој Министерството за економија подолго време работеше за да се изнајде долгорочно решение во случај кога е загрозена безбедноста и здравјето на локалното население.

Тој спомена дека со законските измени во иднина ќе се отвори можност за едностран раскин на договорот за концесија на рудниците во случај кога е загрозена безбедноста и здравјето на локалното население.

– Во изминатите неколку месеци до Министерството за економија пристигнаа повеќе претставки од граѓани и општини во однос на безбедноста на граѓаните во околината на населените места каде што има концесии за минерални суровини, за што Министерството за економија и сите надлежни институции излегоа на терен и преку средби со граѓаните и надзор кај концесионерите ја увиде состојбата на терен – потенцираше Бектеши.

Со законските измени се додаваат нови основи за едностран раскин на договорот за концесија од страна на државата.

– Во случај да се раскине договорот кога вршењето на експлоатацијата го нарушува јавниот интерес, безбедноста и здравјето на населението, тогаш концесионерот може да поднесе барање за добивање на нова концесија за експлоатација на друг локалитет и тоа директно за експлоатација и без спроведување на јавен повик – информираше министерот Бектеши.

Според него, со законските измени, исто така, основ за едностран раскин на договорот за концесија е и кога концесионерот не го известил Министерството за економија како орган надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини дека има промени во уделите или акциите, кои поединечно или во збир би довеле до промена на управувачкиот пакет во друштвото кој е мнозински сопственик кај концесионерот.

– Исто така се додава и основ за раскин на договорот за концесија доколку концесионерот екплоатира помалку од 30 проценти од предвидената количина на минерална суровина согласно главниот рударски проект, во текот на една година, освен доколку концесионерот достави образложение за причината за намалената експлоатација – појасни министерот.

Од Министерството за економија информираат дека овие законски измени денеска ќе се најдат на дневен ред на владината седница и со нив се врши усогласување на прекршочните одредби со новиот Закон за прекршоци, со кои казните за физичките лица се значителни намалени, додека пак за правните субјекти се направени сразмерно на големината на субјектот.