Концесионерот на арсенот кај Лојане не поставил ограда оти мислел дека ќе го извезе за 6 месеци

Арсенот и другите отпадни минерални суровини во рудникот „Лојане“; Фото: Бојан Блажевски

Имавме план да го продадеме целокупниот материјал во Кина за 6 месеци и поради тоа не помисливме дека е неопходно да се постави ограда околу јаловиштето кај рудникот „Лојане“. Ова е одговорот што го добивме од турската компанија „Калтун Мадденџилик“ на прашањето зошто не е поставена ограда и информативни табли околу локацијата каде што е складиран арсенот и другите отпадни минерални суровини во Лојане. Да потсетиме, на 100-тина метри воздушна линија од јаловиштето се наоѓа основното училиште „Рилиндја“, во кое настава следат ученици од шесто до деветто одделение.

Мерт Ајдин од компанијата „Калтун Мадденџилик“ во одговорот до Мета.мк вели дека тие во изминатиов период продале околу 60 тони од отпадните суровини стационирани во Лојане, но не знаат дали биле транспортирани надвор од земјава бидејќи се искористени за истражувачки цели. Инаку, на локацијата во рудникот се складирани околу 15.000 тони арсен сулфид, а дополнителни количества има на локацијата во Табановце.

„Нашиот план беше да се транспортира материјалот до Кина или Виетнам. Сепак, двете земји ги затворија нивните граници за увоз на антимон и сега поради ковидот, купувачите не можат да ги потврдат нарачките“, наведуваат во одговорот од турската компанија.

Од Министерството за економија за Мета.мк информираа дека уште во август 2014 година бил склучен договор меѓу Владата и турскиот концесионер, со којшто е предвидена експлоатација на техногената минерална суровина на локалитетот „Лојане“. Од Министерството информираа дека договорот за концесија со компанијата е со важност до 25.8.2024 година, односно до овој период тие можат да вршат експлоатација на арсенот и другите отпадни материи.

Турската компанија „Калтун Мадденџилик“ ја прашавме зошто не го покријат со земја јаловиштето од рудникот „Лојане“, земајќи го предвид фактот дека ученици следат настава во непосредна близина. Нивниот одговор е дека ако го покријат со земја јаловиштето со арсен и други отпадни минерали, тогаш немало да можат да вршат експлоатација.

Концесионерот додава и дека депонијата полна со арсен и други отпадни минерали кај селото Табановце не била вклучена во тендерската постапка, така што тие немаат должност да вршат експлоатација од оваа локација.

Инаку, Министерството за економија кон средината на месецов вети дека ќе иницираат барање до Државниот инспекторат за животна средина и Државниот инспекторат за техничка инспекција да извршат увид на терен и да преземат соодветни мерки доколку констатираат недостатоци на терен.

Мета.мк во декември лани објави репортажа за складираниот арсен во рудникот „Лојане“ и депонијата во Табановце, при што на лице место увидовме дека не се поставени информативни табли и ограда околу двете локации. Покрај учениците кои учат во непосредна близина на арсенот во Лојане, во близина на депонијата со арсен кај селото Табановце се наоѓа железничката станица и кампот за мигранти.

Двете локации во Лојане и Табановце се опасни за човековото здравје, во што лично се увери и екипата на Мета.мк. Остар мирис на металите се чувствува веднаш по доближувањето до локациите, а од вдишувањето на арсенот и другите минерални суровини доволен е краток престој од 10-тина минути за да се појави остра главоболка.

Но, опасноста од вдишување на арсенот на двете локации не е единствен проблем. Жителите од околните села на нивите околу складираниот арсен садат земјоделски култури, а Мета.мк беше сведок и на пасење на домашни животни во близина на рудникот „Лојане“. Исто така, со арсен загадени се и локалните извори и речните води во Лојане и Табановце.

Мета.мк периодов побара одговор од надлежните власти и за тоа дали постои можност учениците од основното училиште „Рилиндја“ да бидат дисплоцирани во други објекти во селата Ваксинце, Лојане или Табановце. На ова прашање не добивме одговор од Министерството за образование и наука и Општина Куманово, додека единствено од Општина Липково ни рекоа дека во моментов немало можности да ги префрлат учениците на други локации, бидејќи бројот на основци што ја следат наставата е голем.