На 11 септември, со почеток во 21:30 часот, во „Old School“ барот ќе се одржи концерт на музичарот и композитор Енес Беговски, кој ветува уникатно музичко доживување во кое звукот и зборот се претопуваат во хармонија.
Концертот е насловен „Хендпен, поезија, перкусии и украински глас“, а ќе ја спои моќта на перкусиите со убавината на поезијата и медитативните тонови на хендпенот. Настанот носи идеја за спој на традицијата со современиот звук, на тишината со ритамот и на поезијата со живата музичка енергија.
Енес Беговски е музичар и композитор чија работа вклучува музика за театарски претстави и кратки филмови. Тој е препознатлив по настапите на уникатниот инструмент хендпен на бројни фестивали низ Балканот. Неговите проекти „Expressions“ и „Shid“ претставуваат комбинација од хендпен, електронска и традиционална музика во интеракција со поезија. Нив ги реализираше во Хрватска и Црна Гора.
Гости на концертот на Беговски ќе биде Валентин Френкел, украински музичар кој повеќе од една деценија живее во Црна Гора и е активен соработник на украинскиот театар во Германија, како и Стефан Дивчов, познат тромбонист, кој овојпат ќе се претстави како перкусионист.
Организаторите најавуваат вечер исполнета со ритам, поезија и музичко патување што ја надминува границата меѓу традицијата и современоста. Влезот за концертот е бесплатен.
