Нови метларки за чистење на јавните површини во Скопје. Фото: ЈП Комунална хигиена - Скопје

ЈП Комунална хигиена-Скопје денеска ги промовираше новонабавените десет специјални машини наменети за метење на јавните и сообраќајните површини, што ќе се употребуваат за одржување на јавната хигиена во сите скопски општини.
Станува збор за машини со вшмукувачки систем составен од вакуумски вентилатор, опремени со резервоар за вода со волумен од 200 литри.

Директорот на ЈП Комунална хигиена – Скопје, Абдусамед Шабани на промоцијата на нови метларки за чистење на јавните површини во Скопје. Фото: ЈП Комунална хигиена – Скопје

„ЈП Комунална хигиена-Скопје ја одржува хигиената на шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини во градот Скопје, преку нивно секојдневно машинско и рачно миење и метење. Наш врвен приоритет за 2021 година претставува заштитата на јавното здравје, а своето дејствување го насочивме кон намалување на ризикот од проширување на вирусот Ковид-19, преку одржувањето на јавната хигиена во градот Скопје на највисокото можно ниво. Овие машини се дел од планираното големо обновување на возниот парк и механоопременоста на нашето претпријатие“, рече директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов објасни дека пролетва треба да стасаат уште 37 возила за ова јавно претпријатие.

Нови метларки за чистење на јавните површини во Скопје. Фото: ЈП Комунална хигиена – Скопје

„Ова е континуитет кој Град Скопје го врши за вистинско трошење на градските пари. Знаете дека почнавме нов концепт на третман на комуналниот отпад во 2019 година, беше набавена механизација, ова е втора фаза, сега во третата фаза пролетва ќе дојде остатокот од 37-те возила, со што ги подобруваме перформансите на јавното претпријатие, но и реално го намалуваме материјалниот трошок за негово работење, оти машините заменуваат жива сила која сега се користи за чистење. Јавните повртшини и нивната чистота е чистотата на нашите домови, оти Скопје е нашиот голем дом“, рече Шилегов барајќи граѓаните да ја одржуваат домаќински хигиената во градот и отпадот од најразличен вид да го одлагаат во соодветните корпи и контејнери.

„Ги подобривме капацитетите и на инспекциските служби на Град Скопје. Мислам дека со таква координирана активност меѓу Град Скопје, ЈП „Комунална хигиена“, инспекциските служби и совесните граѓани ќе успееме Скопје да стане какво што го сакаме, го замислуваме и гледаме дека од ден на ден јавните површини стануваат се почисти“, нагласи Шилегов.