Отпадот од индивидуалните домаќинства во Скопје ќе се собира еднаш неделно, информираат од ЈП „Комунална хигиена“. Додека траат посебните мерки за движење, од претпријатието се приморани да ја редуцираат динамиката на собирање и транспортирање на комуналниот отпад од над 84.000 канти од куќите, па претпријатието побара  разбирање од граѓаните. Комуналните работници работат само во периодот на првата смена, односно немаат дозвола за движење по 16 часот.

– Ги вложуваме сите напори да се одржува континуитетот во подигнувањето и транспортот на комуналниот отпад, односно сите надземни и подземни контејнери да бидат испразнети еднаш во текот на денот – изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани.

Во текот на денешниот ден, раководството на ова претпријатие одлучи да се солидаризира со работниците на терен и им помагаше во подигнувањето и  транспортот на приближно 500 тони комунален отпад, што секојдневно се собира од контејнерите и кантите во нашиот град.

ЈП „Комунална хигиена“ секојдневно спроведува машинско миење со автоцистерни и дезинфекција на поголемите булевари и улици во сите скопски општини, како и рачно миење и дезинфекција на најфреквентните јавни површини во централното градско подрачје, како плоштадот Македонија, Камениот мост, мостот Гоце Делчев, улицата Македонија, плоштадот Филип Втори и Старата скопска чаршија. Постојано се дезинфицираат и сите постоечки садови за собирање на отпадот поставени на територијата на градот Скопје – подземни и надземни контејнери, вклучително со нивните микролокации.

Од претпријатието апелираат до граѓаните својот комунален отпад да го одлагаат уредно спакуван и исклучиво во поставените садови, а не во нивната околина или на други јавни површини, со цел да се спречи евентуалното создавање диви депонии. Употребените заштитни маски и ракавици, како и отпадот од лицата што се наоѓаат во самоизолација или во карантин, во контејнерите и кантите треба се фрлаат спакувани во две кеси (една кеса во другата), а кесата треба да биде наполнета најмногу две третини од нејзиниот волумен.