Смртта на Чарли Кирк, конзервативниот инфлуенсер и основач на „Turning Point USA“, за време на настан организиран на Универзитетот во Јута Вали деновиве ги преплави светските, но и македонските социјални медиуми. Пред било што да се каже на темата, треба да се нагласи една работа – смртта на Кирк е трагедија и никој не треба да биде усмртен заради политичките ставови. Едноставно нема морално оправдување за истото.

Но, бидејќи немаше некој што немаше став, дали пишан или препратен во форма на слика или објава на темата, треба да се разграничат неколку работи во поширокиот јавен дискурс. Целта на овој напис не е да се направи преглед и рекапитулација на сите јави и анонимни сметки, кој што кажал или напишал, туку да се разгледа низ призмата на еден збор кој што стана центар на борбата во т.н. „културолошки војни“ изминативе години – емпатијата.

Емпатија треба сите да имаме кога гледаме некој друг како е угнетуван, е во болка или тагува. Но, емпатијата стана новото политичко „бојно поле“ за пошироката конзервативна десница, и нешто што отсуствува во хрониките на секојдневието кога има други трагични настани. 

Историјата на политичкото насилство во САД

Првиот проблем во поширокиот дискурс е фактот што покрај Кирк, за жал, само изминатава година имаше еден куп други примери на ладнокрвни убиства и општо политичко насилство коишто не привлекоа ни трунка од медиумска присутност и внимание. 

Пред само три месеци, во Минесота беше убиен еден, а ранет друг политичар од Демократската партија. Убиецот имал листа од над 40 други демократи кои му биле следна мета. За време на претседателската трка лани, имаше два обиди за атентат на Доналд Трамп. Сопругот на Ненси Пелоси беше нападнат во неговиот дом, иако метата била самата претставничка Пелоси. Домот на Гувернерот во Пенсилванија Џош Шапиро беше запален. Канцелариите на Камала Харис беа таргетирани три пати со пукотници. Не само тоа, туку од почетокот на годината во САД се случиле 47 пукотници во училишта и универзитети, со вкупно 19 починати и 77 повредени. 

Запрашајте се, за колку од овие убивања и насилства имаше волку вирална и тревожна реакција на нашите социјални медиуми. Колку од сите што постираат сега беа заинтригирани за овие напади? Каде беше повикот за емпатија тогаш? 

Ова не е повик за ограничување на емпатијата на тие што чуствуваат некаква потреба да ја споделат за Чарли Кирк. Ова е само ставање акцент за проблемот што алгоритамски се одлучува кога и кому да се пружи емпатијата. Секоја смрт заслужува ваква реакција на сожалување и емпатија и можна превенција за слични такви случаи. Дури и „досадната“ или неинтересната, системската, секојдневната смрт. 

И не само во изминативе години, периоди на политичко насилство во тесната, колективна дефиниција беа обележје на седумдесетите и осумдесетите години. Малком Екс, Мартин Лутер Кинг помладиот, претседателот Џон Ф. Кенеди, неговиот помлад брат Роберт Ф. Кенеди, Фред Хемптон, обидите за атентат на Роналд Реган се само дел од примерите што може да се споменат.

Со други зборови, политичкото насилство не е ниту нешто ново, ниту пак нешто што се случува само сега, со убиството на Кирк. Само затоа што нема толку голема медиумска покриеност и изнудува толку многу мислења на темата, не значи дека непостои во другите денови од годината. И, само затоа што е насилството е „невидливо“ секој друг ден, животите што ги допира не се помалку битни за да ја имаат нашата емпатија. 

Насилство, какво?

Втора работа што треба да се демистифицира е фактот што во колективната свест, политичкото насилство луѓе го интерпретираат само како напад или убиство на луѓе кои се исклучиво политички активни или политичари. Замката со ваквиот тип на дефинирање на политичкото насилство е тоа што сите други видови насилства и смрттни случаи што се појавуваат, стануваат невидливи. 

Кога администрацијата на Трамп реши дека ќе депортира луѓе – и воедно правеа мемиња за истото – тоа е вид на политичко насилство бидејќи семејства се одвојуваат и се пренесуваат во Ел Салвадор и во Флорида. И не само за имигрантите, туку и за случаи кога американски државјани беа депортирани по грешка. Таков е примерот што Американската унија за граѓански права (ACLU) го документира кога деца помали од 10 години беа депортирани, додека едното од децата имала ретка форма на метастазиран рак и била испратена без потребните лекови.

Слично, Врховниот суд на САД реши дека ќе го промени преседанот на Роу протв Вејд, т.е. колоквијално познат како пресудата којашто понишишти државни закони против абортус. Веднаш републиканските држави имплементираа драконски политики за забрани на давање на услуги или продавање контрацепциски средства на лица кои сакаат да ја терминираат својата бременост, без разлика на начинот на затруднување, без разлика дали станува збор за силување. 

Таков е случајот на Амбер Никол Турман, која почина од инфекција што може лесно да се спречи откако процедурата за аборитрање беше одложена поради страв од кршење на новодонесената забрана за абортус во Џорџија. И покрај тоа што Амбер пристигнала во болницата со силна болка, докторите не можеа да ѝ пружат било каква здрвствена помош повеќе од 20 часа. Тие се обидувале да го протолкуваат збунувачкиот правен јазик на новите закони, растргнати помеѓу ризикот од кривично гонење и итните потреби на нивната пациентка.

Исто така, кога администрацијата на Трамп ја донесе извршната одлука со којашто им се олесни на локалните јурисдикции да ги отстранат бездомниците од улиците и, дури и против волјата на самите бездомни лица, да бидат институционализирани во програми за справување со ментални нарушувања или програми за лекување на зависност. Тоа е, исто така, политичко насилство. Особено затоа што станува појасно дека влошувањето на менталното здравје и злоупотребата на алкохол или наркотични супстанци најчесто следува, а не претходи откако луѓето ќе го изгубат својот дом.

Не мора да се сложувате или да се спротивставувате на политиките кои произведуваат насилство, но не може да се изземе фактот дека тие произведуваат своевиден тип на насилство. Сите овие примери се вид на политичко насилство. Не се само аморфни зборови испишани што ги гледаме на нашите екрани. Ова се директни примери преку кои може да видиме дека луѓето на еден или друг начин трпат некаква болка, ограничувања на нивната слободна или се угнетувани или убени од еден систем. 

Насилниот јазик и војна на „емпатија“

Трето, во цела оваа тензична ситуација, постои еден облак на иронија што лежи над сите кои им се исмеваа и ги омаловажуваа луѓето кои се залагаа за емпатија, трпение и разбирање во вакви трагични моменти. 

За тие што не се хронично онлајн, на почетокот на годинава Елон Маск, тогаш во поблискиот круг на советници на Трамп, кажа:

„Фундаменталната слабост на западната цивилизација е емпатијата, експлоатацијата на емпатијата“, рече Маск

„Ете, тие експлоатираат еден баг [слабост] во западната цивилизација, а тоа е одговорот на емпатијата“, додаде тој.

Оваа реторика беше повторувана ад носиум, божем имајќи емаптија за сиромашни лица, мигранти, ЛГБТИК, луѓе со различни попречености, самохрани родители и останати маргинализирани заедници ќе се индоктринира просечниот граѓанин со прогресивни политики што ќе бидат штетни по нивниот живот, поистоветувајќи ја емпатијата со грев. Оваа идеја што Али Бет Стакли ја промовираше во книгата „Токсична Емпатија: како прогресивните го експлоатираат христијанското сожалување“.

Во секој случај, оваа емпатија која сега се бара од општиот публикум, иронично отсуствуваше за време на други случувања низ светот. Емпатијата отсуствуваше кога се демонизираат катадневно ЛГБТИК лицата, за луѓето што протестираат против геноцидот во Газа, луѓе кои се радуваа на помислата дека може со ракета да биде разнесен бродот на Грета Тунберг што пловеше во мировна мисија кон палестинската енклава, кога се ширеа разноразни теории на заговор за нападот на сопругот на Ненси Пелоси, кога цинично се „славеше“ 5 години како Џорџ Флојд е „трезен“ а фактички се одбележуваше 5 години од неговото убиство, кога Трамп ги нарече имигрантите „животни“. 

Па и кај нас, кога редици и редици написи и движења се појавија да ги демонизираат неколкуте транс лица во државата под превез на „заштита на децата“. Истите тие истрчаа да кажат дека на муницијата на атентаторрот на Кирк биле изгравирани „про-лгбти трансродови и антифашистички фрази“, „докази“ кои потоа беа корегирани од Волстрит џурнал. Целта е јасна, додека не се дознае убиецот, да се пополни просторот со шпекулации и импликации за противниците, белким тие се криви. Емпатијата отсуствува токму во вакви примери. 

Ништо од ова не е оправдување за одземање на туѓ живот. Проблемот лежи во тоа што реториката на општата десница не само што станува сè повеќе и повеќе насилна и гласна. Туку и што речиси сите масовни убијци се поврзани со екстремно десничарските и „бели“ (white supremacist) идеологии. Како во 2021, така и во 2022, така и во 2023, така и во 2024 година. Не станува збор само за пиксели на екран што формираат говор на омраза. Човечки животи се во прашање, за кои најчесто коментаторите и луѓето на социјалните медиуми нема нешто премногу емпатија. 

А, по изминативе години често се споменува дека станува збор за некаква си „културолошка војна“. Затоа што кога политичката агресија е поставена во контекст на војна, поверојатно е дека типичниот греѓанин без некаква си историја на насилство ќе го прифати „фактот“ дека постои некаква војна. Со други зборови, ваквиот насилен јазик се нормализира, станува дел од она што без премислување го прифаќаме, немислејќи на ефектите што ги има понатаму. 

Уште полошо, политичкото насилство може се направи поприфатливо со тоа што ќе се претстави како одбрана против воинствен непријател – се креираат тимови, се дефинираат луѓето што се внатре и надвор од племето. А, со тоа се олеснува дехуманизацијата, каде противникот се опишува како непоправливо злобен или нечовечен. Кога веќе една група е поистоветена со апсолутното зло, со сатаната и сè најлошо, тогаш биолошки не може да се има емпатија за истите. Сè што останува е општата нефилтрирана агресија. 

Реториката на Кирк е нешто што не може да се заобиколи

Во својата колумна на темава, еден од најпознатите либерални колумнисти на Њујорк Тајмс, Езра Клајн, насловена „Чарли Кирк практикуваше политика на правиот начин“ централната идеја е дека без разлика колку тој, Клајн, да не се сложува со Кирк за некои темелни вредности, Кирк практикувал „учтивна“ дебата и разговор со младите, ангажирање со и провоцирање на неистомисленици низ кампусите во САД. Со тоа тој ја позиционира учтивоста во дебатата и јавната комуникација, а не содржината на реториката на Кирк, како своевидна кулминација за како треба да се практикува демократија. 

Клајн пишува: „Требаше да биде расправа, а не војна; требаше да се добие [политичката битка] со зборови, а не да се заврши со куршуми“. И не дека не е во право. Затоа и толку многу луѓе го бранат, тврдејќи дека е во ред да се промовира омраза и да се повикува на зло против другите, сè додека тие ставови се прикриени со превезот на „учтивост“ и „дебата“. 

Но, проблемот со ваквите ставови е не само што не ја согледуваат содржината на реториката на Кирк и реакционерската десница како насилна, туку и фактот што емпатија делува како да е задржана само за исклучителни лица кои се проминентни на интернетот, а не за политичките противници или секојдневните луѓе. 

Проблемот е што не станува збор за учтиви емисии, разговори и дебати околу прашањето дали треба или не треба да се става ананас на пица. Овие дебати, кои носеа илјадници и милиони кликови, внимание кое неретко стигнуваше и до постоечките центри на моќ како администрацијата на Трамп, влијаат на нашиот секојдневен живот. А, зборвите на Кирк често не ги поштедуваа неговите политички противници.

Трансродовите лица ги нарече „гнасотија пред бога“, дека вреди „секоја година да умираат невини луѓе од огнени оружја за да можеме да го имаме Вториот амандман [правото на поседување оружје]“, дека Демократите „подржуваат сè што Бог мрази“, дека Законот за граѓански права во шеесетиите (т.е. Забрана за расна десегрегација и дискриминација) „беше грешка“, дека црнци во САД „убиваат бели луѓе за забава“, дека муслиманите планираат да ја „освојат Европа со демографска замена“, дека правењето абортус е „полошо од холокаустот“, дека ако 10-годишно девојче е силувано и затрудни, таа треба да го роди бебето. Tој и беше креаторот на „список за следење“ на професори коишто наводно индоктринираат луѓе со левичарски идеи. A, за емпатијата го кажа следново:

„Всушност, не можам да го поднесам зборот емпатија. Мислам дека емпатијата е измислен термин од новото време кој прави многу штета.“

Само затоа што Кирк е починат, не може да не се заобиколи говорот на омраза што тој редовно го ширеше. И, одбивањето на дел од луѓето на социјалните медиуми да ја споделат емпатијата со човек кој редовно и отворено споделуваше вакви идеи на илјадници луѓе не прави никого лош човек. Како што пишува Елизабет Спирс:

Кога одбиваме да зборуваме лошо за мртвите, тоа е затоа што имаме сочувство за живите. Во овој поглед, ми е жал за децата на Кирк. Не знам дали Кирк бил добар татко, но ако бил, тоа малку ја ублажува штетата што им ја нанесе на децата на другите луѓе“.

Газа

Последно, покрај тековните примери со САД, апсолутно не може да се изостави фактот што во изминативе речиси две години, гледаме пренос во живо како системски се елиминира еден цел народ – Палестинците. Според израелските организации B’Tselem и Physicians for Human Rights-Israel, според Меѓународно здружение на научници за геноцид, според Хјуман Рајтс Воч, според Амнести интернешнл, според специјалниот комитет на Обединетите нации, според Лемкиновиот институт за превенција на геноцид, според експерти за меѓународни право и геноцид и други тела и експерти, Израелската војна во Газа е во согласност со карактеристиките на геноцид. 

Со чесни исклучоци кои не престанаа да зборуваат, пишуваат и протестираат кај нас против требењето на Палестинците во Газа (според некои проценки околу 80 илјади животи системски одземени за две години) не одекнаа волку гласно како за смртта на еден човек. Само вчера пристигнаа вести дека 40 луѓе биле убиени во Газа од страна на Израел. Како може, секојдневно да пристигаат информации дека десетици и стотици луѓе умираат од чисто политичко насилство, и, повторно, секојдневна смрт да изнуди тивко мрморење како „ајде бре, глејте си ја државата, не за Палестина да ни зборувате“ кога само 16 од 120 пратеници гласаа за резолуцијата за деблокада на хуманитарната помош во Газа. 

На крајот на денот, колку и да не е политички атрактивно да се каже, емпатија заслужуваат сите. Најмногу оние кои поминуваат низ невидена катастрофа како Палестинците, но дури и оние кои имаат спротивставени ставови и вредности од моите. Но, ако не може да се сложиме дека сите животи се битни и на сите треба да им се пружа основна и еднаква поддршка и заштита, тогаш не гледам како можам да ја споделам мојата емпатија со луѓе кои свесно одбираат да немаат воопшто емпатија за било кој друг освен за себе.

Пишува: Матеј Тројачанец