Еко-активисти од различни организации и градови низ државата, веќе 71 ден се на протестни блокади на планината Кожуф под ски-центарот и не дозволуваат да започне изградба на мали хидроелектрани на реката Дошница. Како што тие тврдат, во текот на утрешниот ден ќе биде повлечена целата механизација која е неактивна на терен, што според нив, е резултат на народниот отпор. Случајно или не, оваа најава стасува во пресрет на локалните избори.
На 14 август беше повлечена дел од механизацијата, но сè уште има багери крај реката, на местата предвидени за градба.
„Дел од механизацијата беше повлечена минатиот месец, но имаме најава дека утре ќе бидат повлечени од терен сите машини горе кај што им е контејнерот на самиот пат. Ќе ги подготват, за следната недела да ги повлечат назад и со тоа ќе нема ниеден багер на реката Дошница. Ова е голема работа, одлично е чувството што го имаме сите после овие информации, бидејќи успеваме во намерата да се тргнат машините, по толку 71 ден блокади“, вели за Мета Марина Томова од гевгелиската организација „Change makers for all“.
Taa додава дека откако ќе се повлече механизацијата, активистите и понатаму ќе останат на блокадите на патот бидејќи целта ќе биде исполнета, како што велат, кога ќе се одземе дозволата на коцесионерот да гради.
„Планот ни е да останеме на терен до 6 април, датумот до кој истекува дозволата за градба“, додава таа.
Како што повторуваат активистите, поважно од тоа да нема никакви градежни активности, им е правната битка. Тие бараат укинување на дозволата, а најавија и протести во Скопје пред Министерството за животна средина и просторно планирање, ако после изборите продолжат какви било активности за изградба на мали хидроелектрани.
Мета неодамна објави фотографии и видеа од изворите на Дошница, како и од локациите „Баров Дол“ и „Папрад“ на кои Владата одобрила да се градат две мали хидроцентрали на Кожуф планина. Овој регион, богат со ендемски видови и биолошка разновидност, веќе 71 дена го штитат еко-активисти од целата земја, свесни дека изградбата ќе значи уништување на биодиверзитетот и исчезнување на уникатни животински и растителни видови.
Мета објави и дека инспектор од Државниот инспекторат за животна средина, на терен, во јуни месец, утврдил дека инвеститорот сече дрвја во речното корито на Дошница, што беше причина Инспекторатот да изрече забрана за вршење сеча на дрвна маса, сè до добивање дозвола или согласност за истото од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Во решението од Државниот инспекторат за животна средина, донесено на 27 јуни, меѓу другото пишува дека фирмата „Хидро Дошница“ треба да достави ваква дозвола или согласност – мислење од МЖСПП за сечење на дрвна маса во река, а во спротивно фирмата ќе сноси прекршочна или кривична одговорност.
Инспектор за животна средина изрекол забрана за сеча во речното корито на Дошница
