Компанијата „ТехноАлпин“ заинтересирана да инвестира 186 милиони евра во Попова Шапка

Фото: Порталб.мк

Италијанската компанија „ТехноАлпин“ од Јужен Тирол е заинтересирана за инвестиции во скијачкиот центар Попова Шапка. Како што соопшти денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, понудата на компанијата добила зелено светло и од Владата.

Се работи за проект тежок 186 милиони евра и истиот вклучува реновирање на постојните капацитети, поставување на систем за правење снег, проширување на постојната скијачка зона со нови објекти и патеки, реновирање и проширување на хотелите, изградба на нови хотелски капацитети, изградба на асфалтни паркиралишта, велосипедски патеки и креирање на други рекреативни активности, со што овој центар ќе доби можност да се вброи во најмодерните европски зимски центри.

Инвестицијата треба да се реализира како стратешко партнерство со ски-центарот Попова Шапка и се очекува да започне веќе идната година. Ќе се реализира во шест инвестициски фази од кои првата изнесува приближно 55 милиони евра.

„На денешната владина седница предлог проектот за стратешка инвестиција во ски-центарот Попова Шапка доби зелено светло. Станува збор за голем инвестициски проект што е резултат на нашите напори да ги заштитиме природните вредности на начин со кој, покрај максимална заштита, ќе обезбедиме услови за социо-економски развој и можност нашите природни убавини да бидат атрактивни, европски и да привлекуваат туристи од целиот свет, да ѝ носат приход на државата, а за граѓаните да отвараат нови работни места и нови економски можности“, вели министерот Нуредини.

Тој информира дека „ТехноАлпин“ е лидер во производство и инсталирање на системи за вештачки снег, признат експерт за дизајн на скијачки терени и скијачки зони и со 30-годишно искуство, 16 зависни друштва низ светот и 600 вработени.

„Тргнувајќи од фактот дека туризмот на македонските планини иако доживува позитивен тренд, има силна потреба од масовно реновирање на постоечките капацитети за да ги исполни тековните стандарди за квалитет што ги бара пазарот, инициравме физибилити студија за проект за реновирање на ски-центарот Попова Шапка. Попова Шапка во едно минато време беше предизвик за врвни имиња на зимските спортови, но за жал долгогодишното неинвестирање доведе до сериозно заостанување и неискористеност на бројните можности и капацитети за развој на туризмот што го нуди овој планински локалитет високо вреднуван и на европско и на светско ниво“, смета Нуредини.