„Спејс Екс“ на Илон Маск и уште двајца партнери се појавија како водечки кандидати за освојување на клучен дел од ракетниот одбранбен штит „Златна Купола“ на претседателот Доналд Трамп, изјавија шест извори запознаени со случајот, пренесува Ројтерс.
Ракетната и сателитската компанија на Маск соработува со производителот на софтвер „Palantir“ и производителот на дронови Anduril во понуда за изградба на клучни делови од „Златната Купола“, велат изворите, проект што предизвика значителен интерес од се поголемата база на стартапи од одбранбената технологија. Во извршната наредба од 27 јануари, Трамп наведе дека ракетен напад претставува „најкатастрофална закана за САД“.
Сите три компании се основани од претприемачи кои се значајни политички поддржувачи на Трамп. Маск има донирано над четвртина милијарда долари за изборот на Трамп и сега служи како специјален советник на претседателот, работи на намалување на државните трошоци преку неговиот Оддел за ефикасност на владата.
И покрај позитивните сигнали од Пентагон за групата на SpaceX, некои извори потенцираат дека процесот на одлучување за „Златната Купола“ е сѐ уште во рана фаза. Нејзината конечна структура и избраните изведувачи може значително да се променат во следните месеци. Трите компании се сретнаа со високи претставници на администрацијата на Трамп и Пентагон последниве недели за да ја претстават својата понуда, која предвидува изградба и лансирање на 400 до над 1.000 сателити што би ја следеле ракетната активност, велат изворите.
Одделна флота од 200 нападни сателити, вооружени со ракети или ласери, би ги неутрализирале непријателските ракети, велат три извори. Се очекува дека групата на SpaceX нема да биде вклучена во вооружувањето на сателитите, велат тие. Еден од изворите ги опиша разговорите како „отстапување од вообичаениот процес на јавна набавка. Постои став дека заради улогата на Маск во владата, националната безбедност и одбранбената заедница мора да бидат внимателни и почитувани кон него“.
Во необичен пресврт, SpaceX предложил својата улога во „Златната Купола“ да биде поставена како „сервис со претплата“, при што владата би плаќала за пристап до технологијата, наместо да го поседува системот целосно. Овој модел на претплата, кој досега не беше објавен, може да заобиколи одредени протоколи за набавка во Пентагон, што би овозможило побрза имплементација на системот, велат два извори. Иако пристапот не би ги прекршил правилата, владата може да се најде во ситуација да биде зависна од претплатата и да изгуби контрола врз развојот и цените, додаваат тие.
Пентагон добил интерес од над 180 компании кои сакаат да учествуваат во развојот и изградбата на „Златната Купола“, според американски функционер, вклучувајќи стартапи како Epirus, Ursa Major и Armada. Членови на Советот за национална безбедност на Белата куќа биле информирани од неколку компании за нивните можности.
Заменикот на Пентагон, поранешниот инвеститор Стив Фајнберг, ќе биде клучен во донесувањето на одлуката, велат двајца американски одбранбени функционери. Фајнберг е коосновач на Cerberus Capital Management, која инвестирала во индустријата за хиперсонични ракети, но не и во SpaceX.
Некои експерти сметаат дека целокупната цена на „Златната Купола“ може да достигне стотици милијарди долари. Пентагон постави неколку временски рамки за испорака на капацитети, почнувајќи од почетокот на 2026 до по 2030 година.