Компанијата „Мета“ лансираше своја социјална платформа во виртуелна реалност

фото: Мета (Meta)

Компанијата Мета (Meta) го објави својот социјален простор во виртуелна реалност (ВР), платформа наречена „Horizon Worlds“. Ова е прво големо лансирање на ваква платформа откако Фејсбук се преименува во Мета и ги најави своите планови за изградба на метаверзум, пренесе „Би-би-си“.

Апликацијата „Horizon Worlds“ им овозможува на корисниците да градат свои мини-игри и активности врз платформата на Мета, слично како кај „Роблокс“ (Roblox) или другите апликации кои се фокусирани на креаторите.

Не постои начин креаторите да заработат директно од нивните мини светови, но Мета вложи 10 милиони американски долари во својот „фонд за креатори“ за да ги награди креаторите кои победуваат во натпреварите.

„Horizon Worlds“ е бесплатен за играчите кои ги користат слушалките Oculus Quest 2 што ги продава Мета.

Секој на возраст над 18 години, засега само во САД и Канада, може да создаде ВР аватар, кој е креиран во ист стил како кај платформата за состаноци на Мета, наречена „Horizon Workrooms“.

Играчите можат да летаат низ нивниот свет и да поставуваат предмети како што се дрвја или различни форми за да направат сопствена дигитална средина. Потоа, тие можат да користат и „скрипти“ – однапред направени фрагменти од код што влијаат на светот околу играчот и ги поставуваат правилата на играта.

Мета вели дека играчите веќе имаат изградено илјадници светови за време на бета верзијата на апликацијата што беше тестирана повеќе од една година.