Компанијата Мета ја тужи Мета на Закерберг поради промената на името

фото: Dima Solomin на Unsplash

Компанија за инсталациска уметност наречена „МЕТА“ вчера објави дека ќе ја тужи Мета (поранешен Фејсбук) за прекршување на трговска марка, тврдејќи дека промената на името што го направил Марк Закерберг го нарушила воспоставениот бренд на нивната помала компанија, пишува „Д Врџ“ (The Verge).

Компанијата „MetaX LLC“ вели дека работела во технолошкиот простор за виртуелна и проширена реалност со години пред ребрендирањето на Фејсбук и најавата на метаверзумот.

„На 28 октомври 2021 година, Фејсбук ги презеде нашите МЕТА ознака и име, кои ги градиме со нашата крв, пот и солзи повеќе од дванаесет години. Денес, по осум месеци обиди да преговараме со Фејсбук со добра волја но без успех, не ни остана друг избор освен да поднесеме тужба против нив“, се вели во објавата на страницата на помалата компанија.

Компанијата тврди дека за нив најголем проблем е скандалот околу приватноста на корисниците на Фејсбук, па нивниот углед се нарушувал бидејќи луѓето ги поврзувале двете „Мети“.

„Мета повеќе не може да обезбедува стоки и услуги под ознаката МЕТА, бидејќи потрошувачите веројатно погрешно веруваат дека стоките и услугите на Мета произлегуваат од Фејсбук и дека Мета е поврзана со токсичноста која е нераскинлив дел од Фејсбук“, додаваат од помалата компанија „Мета“.

Иако компанијата има валидна трговска марка за името, сепак може да се соочи со тешка битка на суд поради широкиот опсег на апликации за трговска марка што Фејсбук ги направи откако промената на името стана официјална – вклучувајќи посебни ознаки за пораките, социјалните мрежи и финансиските услуги.