Нова компанија, заинтересирана да ја купи техногената минерална суровина од Топилница, на крајот од месецов треба да го посети Велес, а до средината на август ќе се знае кога ќе почне редовниот транспорт на згурата. Откако Малезија стана неизвесна дестинација за извоз на троската, бидејќи на почетокот на годината земјата забрани увоз на опасен отпад, компанијата „Кепс монт груп“, која има концесија да ја продаде згурата и Б-интегрирана еколошка дозвола од Општина Велес, започна преговори со компании кои извезуваат во други земји во Азија и во Африка.
По посетата на странскиот партнер, информираат од „Кепс монт груп“, ќе биде утврдена динамиката на работа за расчистување на троската. Компанијата, за потребите на транспортот, ќе закупи дел од пристаништето во Солун каде што ќе се истовараат камионите со суровина, која ќе биде префрлена во контејнери и по морски пат ќе заврши на крајната дестинација.
„Динамиката на работа во почетокот нема да биде со максималното планирано темпо и ќе се ископуваат околу 40 до 50 камиони на ден, најмногу до стотина. Работата на терен ќе зависи и од временските услови и ќе биде прилагодена на условите пропишани во дозволата, но и на потребата да се превезува доволна количина суровина за да се искористи закупот на просторот во пристаништето во Солун“, велат во „Кепс монт груп“.
Во меѓувреме, компанијата испрати примероци од црниот рид во Грција каде што се прават лабораториски анализи за радиоактивност и токсичност на троската. Во тек е обезбедување на последната дозвола, МСДС (Material Safety Data Sheet) документот за квалитет на стоката при меѓународен превоз, неопходен за да започне транспортот на суровината.
Странскиот партнер ќе ги купи остатоците од работата на некогашната Топилница кои се богати околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум, и сè уште имаат вредност и можат да се искористат како суровини. Депонијата е огромна, распослана на околу 33.000 квадратни метри површина и се проценува дека има околу 1,8 милиони тони отпад.
Долги години претставува голема опасност за здравјето на жителите на градот како и за околината, а Светската здравствена организација поради загадувањето со сулфур диоксид во 2000 година Велес го прогласи како за опасно место за живеење. Иако топилницата не работи повеќе од 15 години историскиот отпад сè уште го труе градот.
Пред шест години истражувањата на професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно математичкиот факултет, потврдија дека почвата и прашината во домовите во Велес се контаминирани со особено високи вредности на арсен, кадмиум, олово, цинк, индиум и антимон.
Во велешката почва во 2018 година присуството на тешките метали било и до 30 пати над максимално дозволените граници. Концентрациите на олово биле 201,6 милиграми на килограм, што е за 5,9 пати повисока вредност од дозволената, вредностите на кадмиумот биле најалармантни, 7,7 мг/кг, што е за 30,8 пати повеќе, а во почвата имало и зголемени количини на цинк, 230 мг/кг, што е за 2,8 пати повисоко од дозволеното.