Македонските компании преку системот „Тендерс електроник дејли“ (Tenders Electronic Daily) ТЕД, што е платформа на ЕУ за тендери, имаат можност за слободен пристап за бизнис, со земјите членки на Европската Унија, како и Европската економска област и останатите континенти.

Се работи за единствена онлајн платформа, посветена на јавни набавки, која приватниот и јавниот сектор ја користи за пристап до информации за тендери.

„Преку платформата ТЕД се објавуваат 460.000 повици за тендери на годишно ниво, со вредност од околу 420 милијарди евра. Целта е споделување на информации и користење на системот за информирање за јавни тендери во сите земји. Секој ден, од вторник до сабота повеќе од 1.700 огласи за јавни набавки се објавуваат на оваа платформа и постои можност да се пребаруваат огласите за јавни набавки по држава, регион и бизнис-сектор. Со регистрација на платформата компаниите добиваат персонализиран профил за пребарување и во зависност од нивните потреби – изјави извршниот директор на Сојуз на стопански комори на Македонија, Митко Алексов.

Известувањата се од областа на јавни работи, стоки и услуги, потоа секторски договори (вода, енергија, транспорт и телекомуникации) како и известувања за проекти финансирани од Европската инвестициона банка, Европскиот инвестициски фонд, Европската централна банка, Европската банка за обнова и развој и надворешна помош и Европскиот фонд за развој.

Вкупната вредност на јавните набавки и договори во ЕУ е од 12 до 15 проценти од домашниот бруто-производ на ЕУ.

Три четвртини од повиците се од Германија, Франција, Британија, Шпанија, Италија и Полска.