Комитетот за заштита на новинарите денеска објави петиција со која ги повикува властите во Кувајт веднаш и безусловно да го ослободат кувајтско-американскиот новинар Ахмед Шихаб-Елдин.
Шихаб-Елдин, наградуван новинар кој претходно соработувал со „Њујорк тајмс“, „Пи-Би-Ес“ и „Ал Џезира Инглиш“, не се огласил на интернет ниту е виден во јавноста од 2 март, кога престојувал во Кувајт во посета на семејството.
Во деновите пред неговото приведување, Шихаб-Елдин споделувал јавно достапни видеа и фотографии поврзани со војната со Иран. Неговите последни објави вклучувале повторно споделување видеа кои биле проверени од Си-Ен-Ен и други меѓународни медиуми. Ниту една од тие објави не содржела фотографии или видеа што тој лично ги снимил.
Во услови на воена ескалација поврзана со војната со Иран, властите во Кувајт воведоа сè построги мерки на цензура. На 2 март, Министерството за внатрешни работи на Кувајт предупреди дека е забрането снимање или објавување видеа и информации поврзани со иранските напади, наведувајќи дека повеќе лица биле уапсени поради ширење лажни вести. Министерството за информации, исто така, упати лица обвинети за прекршување на медиумските закони до Јавното обвинителство.
