Фото: Архива на Мета.мк

За осум години функционирање, Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) разгледала над 500 доставени претставки, а за забележување е дека речиси 80 отсто од нив се однесувале за онлајн медиумите. Ова денеска го изјави претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски на дебатата на тема „Медиумска саморегулација и неопходни мерки за унапредување на професионализмот во медиумите“.

Адамчевски додаде дека медиумските организации во иднина мора да размислат како понатаму да се работи на професионализација на онлајн медиумите. Тој ги спомена не само порталите, туку и блоговите и јутјуберите.

Претседателот на Комисијата за жалби појасни дека најмногу претставки за медиумското известување поднесуваат политичари, бизнисмени, граѓански активисти, но во последно време имало и случаи на адвокати коишто најпрво поднесуваат претставка до СЕММ, а откако ќе ја добијат одлуката, одат на суд за судење против медиуми.

Адамчевски додаде дека СЕММ очекува да бидат поканети на дебатите за судските реформи во земјава од страна на судската академија или советите, како би можело заедно со судиите и обвинителите да поразговараат во однос на судската пракса во иднина која што ги опфаќа тужбите кон новинари и медиуми.

Тој додаде дека финансирањето на СЕММ останува голем проблем, бидејќи до денешен ден главна улога имаат меѓународните донаторски организации, кои постојано прашуваат до каде сме со самоодржливоста и самофинансирањето. Според Адамчевски, во однос на решавање на овој проблем најголем придонес треба да има медиумската индустрија.

СЕММ на почетокот од своето постоење бил основан од Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми и 30-тина медиуми од земјава. Денес, Регистарот на професионални онлајн медиуми има над 150 медиуми.

Директорката на Македонскиот институт за медиуми, Билјана Петковска на денешната дебата рече дека саморегулацијата на медиумите во Македонија е успешна приказна, на што треба да биде горда целокупната заедница.

Таа додаде дека актуелните европски трендови упатуваат на балансирање помеѓу регулаторните и саморегулаторните механизми кај медиумите, со што потребата од саморегулаторното тело се зголемува уште повеќе.

Петковска објасни дека неопходно е да се зголемува поддршката на СЕММ од медиумите и да се зголемува нивната самокритичност, односно прифаќање на одлуките на СЕММ.

Директорката на МИМ потсети дека телевизијата и понатаму ужива најголема доверба кај граѓаните, но и дека кај младата публика онлајн медиумите се главниот извор за нивно информирање и овој опсег во иднина ќе расте.

Билјана Петковска додаде дека во формалното образование, минатата година започнал процесот за воведување на медиумската писменост во основното и средното образование и за неполна година, резултатите се охрабрувачки.

Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски на дебатата потсети дека во земјава треба повеќе политичка волја и системски решенија што ќе ги решат старите и ќе запрат нови напади на новинари. Тој го даде примерот за нападите кон новинари од 2020 година, кога имало 14 пријавени случаи, од кои половината биле кон жени-новинари, а само 2 се решени до денес пред судовите. Останатите 12 случаи останаа непроцесуирани, подвлече Секуловски.

Она што загрижува за минатата година, а што се прелеало и во 2022 година, е благото зголемување на поднесувања на судски случаи за клевета и навреда, и тоа од локални моќници. За првпат во земјава имаме стратешки тужби за спречување на јавно учество (SLAPP), кои се покренуваат не за да се добие правда, туку за да се влечат новинари пред судови.

Драган Секуловски го наведе случајот со новинарката Мери Јордановска, која годинава го доби случајот против пратеникот Димитар Апасиев, во којшто судски случај тужителот никогаш не се појавил на рочиште, иако случајот траеше една година.

Тој спомена и дека во 2021 година социјалната положба на новинарите беше влошена. Новинарите во земјава имаат главно хонорарни договори или договори на определено време при вработувањата, при што примањата им се ниски. Извршниот директор на ЗНМ повтори дека очекуваат во најскоро време Собранието на РСМ да ги усвои долгонајавуваните измени на Кривичниот законик и законските измени што се однесуваат на клеветата и навредата, со коишто би се подобрила положбата на новинарите.

На денешната дебата учествуваше и Дарко Дуридански од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски потсети на актуелните барања што ги има ЗНМ кон власта, додека поздравни обраќања имаа евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, претседателката на УО на СЕММ Катерина Синадиновска и извршната директорка на СЕММ Марина Тунева.