Парада на городста
Фото: Гоше Николов / Мета.мк

Во првите пет месеци, новата Комисија за спречување и заштита од дискриминација постапувала по 90 претставки, информираат тие. Од нив, 78 се преземени од претставките поднесени до поранешната Комисија за заштита од дискриминација, додека останатите 12 се поднесени до Комисијата по нејзиното основање согласно новиот закон кој беше донесен на 27 октомври лани.

Од вкупниот број на разгледувани предмети за дискриминација, 25,5 отсто биле поднесени од жени, 35,5 отсто од мажи, 32,2 отсто биле поднесени од правни лица, додека 6,8 отсто од група граѓани. Анализирајќи го и местото на живеење на подносителите на претставките за дискриминација, се гледа дека околу 45 отсто живеат во Скопје, додека останатите се од другите градови на земјата.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација велат дека анализите за пријавената основа на дискриминација не можат да се спроведат, бидејќи во голем дел од претставките, поднесувачите не ја пријавуваат основата, додека од содржината на претставката таа не може да се утврди. Комисијата планира да го надмине овој предизвик преку креирање образец што потоа ќе се внесува во базата на податоци што ќе ги обработува сите релевантни параметри за анализа на состојбата со дискриминацијата во земјата.

Во однос на поднесените претставки по кои постапувале, Комисијата за над 40 отсто од претставките испратила допис за изјаснување до потенцијалниот дискриминатор, околу 22 отсто од претставките биле отфрлени поради ненадлежност, 5,5 отсто биле отфрлени поради неуредност и покрај испратените дописи за дополнително уредување, додека за други претставки сè уште се работи на анализа на содржината поради нивната обемност.

Со новиот закон, овозможено е барањето на странката или по сопствена иницијатива, Комисијата да поднесе барање до судот да дејствува како пријател на судот (amicus curiae). Оваа можност е искористена во март 2021 година, кога Хелсиншкиот комитет за човекови права достави барање до Комисијата за вклучување во судска постапка во случај поврзан со системска дискриминација врз лицата со попреченост во однос на пристапноста до и во избирачките места.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација велат дека првите месеци од нивното работење биле одбележани со бирократски препреки, но сепак таа успеала да ги исполни сите свои законски надлежности. Со Законот за спречување и заштита од дискриминација, комисијата има 26 таксативно наброени надлежности, но тие се жалат дека се соочуваат со недостиг на технички капацитети за нејзино непречено функционирање. Во просториите каде што се сместени недостасува мебел (работни маси, столови, конференциска маса, плакари за складирање на документи и слично), техничка опрема (компјутери, сервер и сл.) и канцелариска опрема.