Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе ја испитува одлуката за воведување на нов режим за користење на зоната „Hug & Fly“ на Меѓународниот Аеродром Скопје, со кој бесплатниот престој до 10 минути е ограничен на еден влез со исто возило во период од 24 часа.
Анализата што ќе ја направи Комисијата за одлучување по прекршок треба да утврди дали воспоставениот режим, имајќи ги предвид условите под кои работат различните такси-превозници и постоењето на посебно овластен аеродромски такси-оператор, може да влијае врз условите на конкуренција и пристапот до аеродромската инфраструктура.
„Комисијата ќе ги испита оправданоста и пропорционалноста на воспоставените услови, нивното фактичко влијание врз такси-превозниците и дали постојат еднакви и недискриминаторски услови за пристап за сите учесници на пазарот“, посочуваат од КЗК.
Од таму велат дека Комисијата во оваа фаза не прејудицира постоење на повреда на правилата на
конкуренцијата, како и дека по прибирањето и анализата на сите релевантни информации, Комисијата ќе донесе заклучок за понатамошното постапување.
