Фото: Арбнора Мемети

Министерот за здравство Венко Филипче, по предлог на Комисијата за заразни болести денеска предложи воведување на полициски час во периодот од 22 часот навечер до 5 часот наутро, на територија на цела држава. Комисијата дополнително ќе се произнесе од кој ден да започне полицискиот час и до кога да трае истиот.

„Министерот образложи дека овој предлог на Комисијата е поради тоа што изминативе недели најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку собири, но и непочитување на воведените мерки за носење заштитна опрема, држење дистанца и негрупирање“, информираат во Министерството за здравство.

Анализите на Комисијата утврдиле дека поради непочитување на мерките, ќе има нови случаи на заразени но и зголемен број на хоспитализирани, па од таа причина Комисијата смета дека една ваква ригорозна мерка ќе има ефект.

„Владата на утрешната седница ќе треба да се произнесе по предлогот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести“, додаваат оттаму.

Во повеќе градови во државата не се почитуваат мерките за заштита, што е причина бројките на новозаразени да растат. Во Гевгелија, состојбата е повеќе од алармантна, како поради досега незабележаниот пораст на бројот на заразените од ковид-19, така и поради целосно пополнетите болнички капацитети на пациенти со сериозни симптоми.

Гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков вели дека уште позагрижувачки е што се зголемува и бројот на позитивни здравствени работници. Затоа и едногласна била оценката на општинскиот штаб за целосно враќање на рестриктивните мерки, поради што ќе побараат од главниот кризен штаб да воведе ограничување на движењето додека не се стабилизира состојбата. Покрај ова барање, општинскиот штаб заклучи да побара од главниот кризен штаб да ја преиспита мерката за ограничена пополнетост на автобусите во јавниот превоз, поради непочитување на мерките, и повторно враќање на процентот на 50 отсто.

Според раководителот на Центарот за јавно здравје, епидемиологот д-р Сашо Олумчев, британскиот сој на корона вирусот е присутен бидејќи инфективноста е значително зголемена. Бројките енормно растат, а што е уште покарактеристично сè почести се пациентите со сериозни симптоми.

„Сѐ поголем број на млади луѓе се новозаразени и ако до неодамна младите луѓе беа преносители на вирусот, сега страдаат, односно се заразуваат. Како резултат на недисциплината и непочитување на мерките, присутен е наплив на голем број пациенти во регионот, цели фамилии се заразуваат, почнувајќи од младите, па сѐ до возрасните. Доколку ваквиот тренд продолжи, состојбата ќе биде критична, бидејќи модуларниот ковид-19 центар е преполн, а бројот на здравствените работници е преполовен, односно, се заразени или во изолација. Затоа, неопходни се рестриктивни мерки и санкционирање на секое непочитување на заштитните мерки, бидејќи, по се изгледа, граѓаните поинаку не ја сфаќаат сериозноста на состојбата“, вели Олумчев.