Фото: Мета.мк

Членовите на Комисијата за заразни болести, на денешниот состанок ги разгледа заклучоците од Националната комисија за имунизација, во врска со почеток на вакцинација со четврта доза на вакцина против ковид-19, соопшти Министерството за здравство.

„Четврта доза може да примат лицата над 18 годишна возраст, кои примиле три дози вакцина против Ковид-19. Граѓаните од денес можат да се обратат во вакциналните пунктови, за што не е потребно закажување“, велат оттаму.

Вакцинацијата со четврта доза е предвидено да се спроведува со мРНА вакцина на Фајзер или Модерна. Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза е најмалку четири месеци.

Вакцинацијата со четврта доза посебно се препорачува кај хронично болни, пациенти на дијализа, трансплантирани, онколошки пациенти, имунокомпромитирани и пациенти кои примаат имуносупресивна и имуномодулаторна терапија за која било индикација и кај лица над 60 години.

„Вакцинацијата е најдобра превентивна мерка за заштита од потешка форма на вирусот ковид-19. Државата располага со доволни количини вакцини, кои се безбедни и ефикасни и ги повикуваме граѓаните да се имунизираат во вакциналните пунктови со вакцина против ковид-19, со цел да стекнат дополнителен имунитет“, наведено е во соопштението.

Комисијата се состана затоа што бројките почнаа да растат во изминатиов период. Мета вчера пишуваше дека ако до пред дваесетина дена бројката изнесуваше педесетина случаи на ден, во последниве денови веќе сликата е поразлична и се евидентираат и по речиси 300 нови случаи. Процентот на заразени достигнува и до 18 отсто од тестираните на дневно ниво. Здравствени експерти неодамна прогнозираа дека бројките ќе се покачат наесен, наместо сега, во летните месеци. Сепак, ваквите прогнози се покажаа неточни.

Напишете коментар