Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, денеска одржал седница на која донел одлука да формира комисија која ќе испита дали судиите од Кривичниот, Апелацискиот и Врховниот суд, кои одлучувале по барањата за притвори против обвинетите во случаите на СЈО „Таргет“ и „Тврдина“, ја прекршиле постапката и им овозможиле на Горан Грујовски и на Никола Бошковски да побегнат од државата.

На седницата, како што соопштуваат од Советот, бил разгледан извештајот на известителот на Советот во врска со предметот, формиран по допрен глас и по иницијативата поднесена од Здружението за истражувања, анализи и развој „Зелена Лупа“.

„На јавноста и е познато дека во одлучувањето учествувале судии во Основинот суд Скопје 1, Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд. Врз основа на поднесениот извештај од страна на известителот, поткрепен со одредени факти обезбедени од негова страна, Советот донесе одлука извештајот да се прифати и од своите редови формира Комисија за утврдување на фактите во врска со изнесените наводи во јавните гласила и иницијативата поднесена од страна на Здружението за истражувања, анализи и развој „Зелена Лупа“ Скопје“, стои во соопштението.

Комисијата треба да утврди дали судиите сториле неправилности при донесувањето на нивните одлуки и за тоа ќе изготви извештај врз основа на која Советот ќе одлучи дали ќе се поведе постапка за утврдување одговорност на судиите пред Судскиот Совет или ќе ја одбие иницијативата.

Поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски и Никола Бошковски, вработен во УБК, веќе еден месец се во бгество, откако Врховниот суд ги потврди решенијата на Апелацискиот суд на двајцата да им биде одредена мерка притвор.

Останува спорна одлуката на судовите на обвинетите да им биде овозможено да се бранат од слобода додека траеше жалбената постапка во Врховниот суд, како и доцнењето на налогот за нивно приведеување, кој од Врховниот суд до МВР стигнал неколку часа по одлуката за притвор.