Колекторскиот систем за отпадни води на Скопје ќе се доврши со пари од буџетот

Локацијата покрај реката Вардар каде што треба да се изгради пречистителната станица за отпадни води во Скопје | Фото: Мета.мк

Министерството за животна средина со сопствени сретства ќе го доврши колекторскиот систем за отпадни води во Скопје, откако договорот со француската компанија НГЕ беше раскинат. Како што информираше денеска министерот за животна средина Насер Нуредини, остануваат само уште 900 метри цевковод и 10 шахти, кои поминуваат низ депонијата Вардариште.

Токму отпадот кој се наоѓа овде беше причината изведувачот да ги прекине работите на терен. Во меѓувреме случајот добил и меѓународна арбитража, која завршила во полза на Министерството.

„Изведувачот наводно открил медицински отпад каде што требаше да поминува колекторот. Работите запреа и се направи проверка и беше утврдено дека нема опасен отпад. Оттогаш случајот беше на три меѓународни арбитражи и сите завршија во наша полза. Од тие причини договорот беше раскинат и системот ќе се доврши со национални сретства, за што ќе треба да се распише тендер и да се избере компанија“, рече Нуредини.

Проектот започна во 2018 година и со него требаше да се изградат главните колектори на десниот и левиот брег на реката Вардар со што ќе се изврши затворање на неколку испусти на отпадна вода што директно се излеваат во реката во централното градско подрачје и општина Аеродром. Досегашниот изведувач завршил околу 90 отсто од работите за израдбата на околу осум километри канализациона мрежа на од двете страни на Вардар. На десниот брег на Вардар се градеше мрежа од 3,4 километри од булеварот „Србија“ до Железничкиот мост, во која треба да се прибираат и отпадните води од постојната пумпна станица „Горно Лисиче“. На левиот брег се изгради систем од 4,5 километри, а договорот предвидуваше и изградба на колектор од пумпната станица „Макошпед“ до поврзувањето со новиот главен колектор на левиот брег на реката Вардар.

Со изградбата на колекторскиот систем за отпадни води се обезбедува и еден од главните предуслови за работата на идната пречистителна станица за Скопје. Проектот чини 10 милиони евра, од кои девет беа обезбедени од ИПА фондовите, а остатокот од буџетот.