Минатата година, опфатот на вакцинација на ниво на држава бил помал од 95 отсто, колку што е препораката на Светската здравствена организација, освен за „бе-се-же“ (БСГ) вакцината, покажуваат последните бројки на Институтот за јавно здравје. Има 2.800 деца на возраст од 13 месеци кои не ја примиле „ем-ер-пе“ (МРП) вакцината, а дури 2.400 од нив се од Скопје. Опфатот на вакцинирани со оваа вакцина е само 66 отсто.

– Разликата во вакцинацијата е значителна. Тоа се должи на повеќе фактори кои што ги прават ваквите разлики, а се однесуваат на информираноста на населението односно дезинформираноста за безбедноста на вакцините – вели Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом.

Министерот за здравство Венко Филипче за „Мета“ веќе најави мерки за зголемување на опфатот со вакцинација.

– Согласно Акцискиот план, приоритетни области за дејствување, во кои е вклучена и нашата држава се набавка на квалитетни вакцини, ефикасна контрола врз процесот на имунизација, пристапност до вакцините и континуирана промоција и едукација на бенефитите од вакцинацијата – изјави министерот.

Опфатот на вакцинација со МРП е мал заради стравот дека вакцината има врска со појава на аутизам. Родителите ја одложуваат, чекајќи децата да прозборуваат и проодаат, па потоа ги носат на вакцина.

Здравствените власти во неколку наврати досега потенцираа дека нема причини за одложување на оваа вакцина затоа што има научни докази дека вакцината нема врска со аутизам.
Најмалку вакцинирани деца против морбили има во Скопје. Лекарите упатија апел до родителите дека и оваа вакцина е безбедна и со години се употребува, нема причина да ја одложуваат вакцинацијата.

Филипче нагласи дека во целост се гарантира за квалитетот на вакцините, затоа што истите, како што рече, се набавуваат од реномирани производители од земји на Европска унија (Франција, Белгија, Бугарија) одобрени производители од страна на СЗО кои ги исполнуваат сите потребни стандарди.

Тој во интервјуто за „Мета“ истакна дека вакцините од производител до краен корисник – децата, се транспортираат, складираат и чуваат на соодветна температура од 2 до 8 Целзиусови степени.

– Секоја пратка се прима и проверува од страна на претставници од Министерство за здравство и Агенција за лекови, а Агенцијата за лекови по опсежните анализи издава одобрение за пуштање во промет. Да напоменам дека овие вакцини се употребуваат и во земјите каде се произведуваат – рече тој.