Колекција од преку 1000 ретро игри бесплатна на Epic Games до втори декември

Скриншот од Antstream на Epic Games
Фото: Epic Games

Колекција од преку 1000 ретро игри е бесплатна на Epic Games до втори декември. Се работи за колекција од постари ретро игри од флипери и компјутери кои се играа во деведесетите. Но, веднаш ќе помислите дека е ова предобро да биде вистинито, и не е како што е рекламирано, затоа што има многу рестрикции за да ги играте игрите.

Преку Epic Games добиватe и околу 1590 Gems а едно играње на една игра чини 30 Gems, тоа е цената за секое посебно играње така што добивате 53 преигрувања (вклучувања во игра) од колекција од преку 1000 ретро игри. Без разлика на тоа што ова не е тоа што е рекламирано, супер искуство е да се потсетите на старите игри особено тие од флипери што не ви биле достапни дома доколку сте имале компјутер. А, интересно е и за новите генерации да ги испробаат постарите игри.   

При инсталирањето на оваа платформа за ретро игри, откако ќе ја земете колекцијата и gem-овите треба да ја побарате на Epic Games самата основна платформа која е бесплатна и се вика Antstream Arcade. По „симнувањето“ можете да се вклучите и да бирате кои игри ќе ги испробате. Платформата функционира така што продава gems за вистински пари. 

Исто така, можете да се натпреварувате во игрите со пријатели или да играте заедно иста игра. Обично игрите како Mortal Combat се за натпреварување во дуели а има и настани со турнири во игрите и слично. 

Додека со двајца можете да играте co-op игри како што е Bubble Bobble, една од најлегендарните игри за тогашните компјутери како Commodore 64 и Spectrum. Но овојпат можете и да си го снимате напредокот со опцијата Save Game. Порано на истата игра немаше снимање и за да се стигне „далеку“ мораше да се игра целата игра од почеток на едно седнување. А најдобрите потези и позиционирања за секоја стаза се учеа напамет.

За секоја игра што ќе ја играте ви се снима и статистиката со поени и достигнувања и има leaderboards за тоа кое место сте од сите играчи на дадената игра. Но, тоа е ако решите да трошите вистински пари и да се натпреварувате во поени. Сепак, оваа промоција на Epic Games е повеќе како некој trial одошто давање постојани игри. Во секој случај вреди да се испроба.