Поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители го прекршил Законот за спречување корупција и не се изземал од гласањето кога неговата внука била избрана за обвинител во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, констатираше денеска Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), но Советот на јавни обвинители нема да поведе постапка за тоа.

– До тука е нашето…, констатираше претседателката на ДКСК Билјана Ивановска на седницата.

На ДКСК и остана само да утврди дека ги исцрпела своите законски надлежности во случајот.

Штерјов во јануари 2018 година не се изземал од гласањето за нови обвинители, меѓу кои била и неговата внука. ДКСК повела постапка за непотизам, односно судир на интереси, и го известила Советот на јавни обвинители . Но, Советот одговорил дека гласот на Штерјов, кој гласал воздржано, бил неопходен за да се обезбеди кворум и да бидат избрани нови обвинители.

– Тоа не може да биде образложение. Побаравме Советот да поведе постапка за одговорност, Советот постапил и утврдил дека нема одговорност, пак со истото образложение. Тука, за жал, запира секоја можност за наше понатамошно постапување, рече членот на ДКСК Софка Пејовска-Дојчиновска.

По ова, ДКСК по процедура гласаше да го запре постапувањето, бидејжи Комисијата нема законски простор да продолжи со постапка.