Министерство за правда подготвува предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за лобирање заради, како што се вели, незаживеана примена на Законот за лобирање и лобирање надвор од законската рамка.

Целта на измените е надминување на утврдените слабости во текстот на постојниот Закон за лобирање, особено во деловите на дефинирањето на поимот лобист и активностите што се сметаат и оние што не се сметаат за лобирање и разработување на постапките за регистрирање и бришење од Регистарот на лобисти и вршење ефективен надзор над работата на лобистите.

Во постоечкиот Закон за лобирање во членот 2 поимот лобист е дефиниран како „физичко лице кое врши лобирање за соодветен паричен наодместок, регистрирани за вршење лобирање согласно овој закон или е вработено во правно лице кое е регистрирано за вршење лобирање со кое е склучен договор за лобирање“.

Во истиот член од законот, поимот лобирање е дефиниран како „активност насочена кон законодавната и извршната власт на централно ниво, како и кон локалната власт заради остварување одредени интереси во процесот на донесување закони и други прописи“.

Одредби од овој закон во 2010 година на иницијатива на Фондацијата Отворено општество – Македонија, здружението на граѓани „Транспарентност Македонија“ и здружението на граѓани „Граѓанска асоцијација Мост“,  беа предмет на оценка на Уставниот суд на Македонија кој тогаш ги оспори алинеите 1 и 3 од став 2 на членот 7 од законот во кои се пропишуваше дека лобистот мора да има високо образование од областа за која лобира, како и дека не смее да биде казнет, односно да не му е изречена прекршочна санкција за забрана за вршење професија или дејност во областа за која треба да лобира. Според судот, станувало збор за дискриминирачки одредби кои се спротивни на уставните начела за рамноправност меѓу граѓаните.