fbpx

Кој го раководи и што е Управниот суд, кој ќе пресече за резултатот од изборите

-

Политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ вчера, пред истекот на рокот (ноќеска, на полноќ), соопштија дека ќе поднесат тужби до Управниот суд за дел од одлучките на Државната изборна комисија по приговорите околу текот на гласањето на изборите на 11 декември. Управниот суд, пак, сега, според членот 150 од Изборниот законик, откако ќе ги прими тужбите, има рок од 48 часа да одлучи по нив, а таа задача ќе ја имаат петмина судии, кои ќе бидат избрани со жрепка.

Според ставот 3 од истиот член на Изборниот законик, Управниот суд може да ја потврди или да ја преиначи одлуката на ДИК.

Меѓу другото, Управниот суд е надлежен да одлучува и за „законитоста на поединечните акти донесени во изборната постапка и на поединечните акти за избори, именувања и за разрешувања на носители на јавни функции, ако тоа е определено со закон, како и за актите за именување, назначување и за разрешување на раководни државни службеници, ако поинаку не е определено со закон“.

Управниот суд, според актуелниот состав, го сочинуваат вкупно 27 судии и претседател на судот.

Претседател на судот е гостиварката Јетмире Ајдини-Бошњаку, којa на функцијата е избрана во 2013 година. Претходно таа работела како судија во Основниот суд Скопје 1 (2008-2011) и во Апелацискиот суд Скопје (2011-2013).

Заменик-претседателка е битолчанката Весна Јовановска. Како што може да се види од нејзината биографија на официјалната страница на Управниот суд, таа немала судска практика, односно не работела како судија пред да биде избрана за судија во овој суд, во 2011 година. Како дел од нејзината биографија е наведен пратеничкиот мандат во Собранието на Република Македонија, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во периодот од 1998 до 2002 година.

Инаку, СДСМ вчера соопшти дека до Управниот суд ќе поднесе четири тужби по одлуките на Државната изборна комисија, која ги одби сите приговори на опозициската партија, вкупно шест (СДСМ првично поднесе осум приговори, но во меѓувреме, додека траеше нивното разгледување, партијата повлече два).

ВМРО-ДПМНЕ, пак, како што информираа од партијата, поднела тужба до Управниот суд поради решението на Државната изборна комисија со кое се уважи приговорот на Беса и се поништи гласањето на едно избирачко место во општина Гостивар, каде што друго лице се потпишало на местото на Фатиме Сулејмани, што беше констатирано и од официјален графолог.

Од Беса информираа дека нема да поднесат тужби до Управниот суд, бидејќи, како што беше кажано од партијата, не веруваат во независноста на овој суд.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...