Ситуацијата е сензитивна и поради тоа е неопходно да се пристапи внимателно кон прашањата и проблемите кои беа адресирани во повикот зад овој сенароден граѓански марш. Свесни за потребата од огромни реформи во системот кој буквално секојдневно се покажува како несоодветен, дури и за физичка заштита на нашето здравје и безбедност, повикуваме на отворање на широка граѓанска дискусија, од која ќе може да произлезат прецизирани барања кои ќе понудат конкретни, долготрајни, системски решенија.
Ова е наведено во соопштението на граѓанската иницијатива „Кој е следен?“, по вчерашниот втор протест кој го организираа, по повод трагедијата во која на пешачки премин беше усмртена 22 годишната Фросина Кулакова. Оттаму засега не најавуваат организирање нов протест.
„Бројноста на вчерашниот протест во Скопје, но и во повеќе градови од Македонија, како и акумулираниот гнев на целокупната јавност е доказ дека на граѓаните им е потребна ургентна системска промена. Ако не беше доволен најзагадениот воздух во светот, сеприсутен, а невидлив убиец, тука се девијантните појави кои се миленичиња на корумпираниот систем за физички да не догазат на улица. Тоа што се случи не е несреќа, тоа е убиство“, наведено е во соопштението.
Еден од проблемите на чие решавање треба да се работи е неказнивоста на системот и нефунцкионалност на заштитата на децата и младите кои се во судир со законот.
„Корупцијата во институциите доведе до перманентна неказнивост, при што одговорноста за криминални дела често се избегнува. Оваа состојба не е само резултат на корумпираните елити, туку и на институционалниот систем кој не функционира во служба на граѓаните. Политичката и финансиската моќ создадоа структура која ги става институциите во функција на одбрана на привилегираните, наместо во служба на правдата. Судството, кое би требало да биде темелот на правниот поредок, останува немоќно пред системските злоупотреби. Овој проблем е посебно очигледен во однос на децата во судир со законот. Наместо рана интервенција и соодветна поддршка, тие се оставени на милост и немилост на нефункционалниот систем. Без индивидуализирани програми и навремено постапување, тие продолжуваат да извршуваат дела кои можат да имаат трагични последици за општеството. Последниот случај од Партизанска го потврдува тоа – сторителот кој како дете веќе бил во судир со законот, врши ново кривично дело , каде и како помлад полнолетник, а и покрај изречена воспитно-поправна мерка, со месеци останал на слобода и продолжил со криминални активности, е уште еден показател за колку е нефункционален системот“, наведено е во соопштението.
Оттаму укажуваат и на недоволната безбедност и во другите градови.
„Нашите градови се уништени. Скопје, Тетово, Битола, Велес, Кавардци, Неготино, Охрид, Гостивар – ниту еден од нив повеќе не нуди нормален живот. Наместо простори за солидарност, културно споделување и заеднички развој, тие се претворени во арени на борба за опстанок. Небезбедни, загадени, хаотични, задушени во корупција и урбанистички хаос, тие повеќе не служат на граѓаните – туку на приватни интереси. Градовите мора да бидат по мерка на луѓето, а не на автомобилите и криминалните структури што ги контролираат. Денес, опасно е да се движите низ улиците – пешки, со велосипед, па дури и со автомобил. Опасни се тротоарите, преполни со искршени плочки и препреки. Опасни се јавните простори, нефункционални и запуштени. Опасни се и луѓето што ги среќаваме, бидејќи знаеме дека неказнивоста на насилниците ги охрабрува да продолжат“, се вели во соопштението.
„Кој е следен?“ укажува и на тоа дека системот ги напушта младите.
„Образованието, кое би требало да биде основата за напредок, е разрушено уште од најраната возраст, создавајќи генерации што растат во морална и социјална криза. Но, проблемот не е само во системот – туку и во културата што ја креираме. Во последниве години, сведоци сме на опасен тренд: глорификација на девијантното однесување. Брзото и ризично возење, уништувањето на јавниот простор, непочитувањето на основните морални вредности – сите овие појави не само што не се осудуваат, туку често се прикажуваат како „кул“. Ова мора да престане“, сметаат оттаму.
Поддржувачите на иницијативата потенцираат дека е време за вистински промени во образованието, во институциите и во секојдневниот живот.
„Ова општество е наше. Оваа генерација нема да го прифати неговото пропаѓање. Кој е следен? „Обичниот граѓанин“, веќе – НЕ“, додаваат од Иницијативата.