Кои беа ‘Liverbirds’ – еден од првите женски рок бендови во светот

Фото: Ron Kroon (ANEFO), CC0, via Wikimedia Commons

Во едно поранешно време, период кога рокенрол музиката ги поставува своите почетоци во бунтовниот Ливерпул (Велика Британија) по никнувањето на Битлси, никнуваат уште едни Битлси, женски Битлси.

Се нарекуваат ‘The Liverbirds’ што ја симболизира фиктивната птица симбол на градот Ливерпул, онаму каде што во 1962 година започнува нивната приказна. Не знаејќи да свират ниту еден инструмент, но тргнувајќи од својата амбиција во период на прогрес на уметноста и музиката, еден ден Валери Гел, Мери Мекглори, и Силвија Сандерс одлучуваат да оформат бенд. Кон групата нешто подоцна се приклучува и Памела Бирч како уште еден вокал и гитарист.

„Не знаевме како ќе учиме, но купивме инструменти. Одевме во ‘The Cavern’ каде што имаше многу други музичари и ја соопштувавме нашата идеја за формирање на група што ќе има само женски членови. Изгледаше како на сите да им се допаѓа идејата“, се сеќава Мери во краткометражниот докуметнарен филм од серијалот Almost Famous кој е снимен во продукција на Op-docs.

„Сакав да свирам на гитара, навистина. Но моите раце беа премногу мали, па така започна мојата приказна со тапаните. Требаше да вежбаме многу, постојано и секојдневно. Вежбавме, го сакавме тоа, музиката ни беше најважна“, опишува Силвија Сандерс во филмот.

Валери, Памела и Мери биле вокалистки во бендот, Мери свирела и бас гитара, а Вал и Пам, како што ги нарекуваат нивните ко-членови свиреле гитари.

„Се појави еден човек кој нѐ повика на турнеја и ние го послушавме. Сакавме да бидеме како Битлси и затоа ги следевме нивните чекори. Тие настапуваа во еден клуб во Хамбург, па и ние одлучивме да одиме таму. Дури го имавме и нивниот менаџер за нас. Неверојатно, зар не?“ – се насмевнува Мекглори.

Женската рок група била активна од 1963 до 1968 година и во тој период биле направени некои поголеми музички турнеи низ цела Европа.

„Амбицијата да настапуваме во Америка беше од секогаш присутна, но условите ни наметнаа да ја одбиеме понудата која ја добивме. Сепак неверојатно беше како интересот за нас почна да расте и одеднаш да стануваме многу попуалрни“ – споделуваат двете поранешни членки на групата.

Во гласовите на Силвија и Мери за степен се намалува ентузијазамот додека се движат кон крајот на прикзната.

„Јас останав трудна и свирењето ми го забрани докторот. Валери го запозна Стефан кој ја привлече Вал. Тие се венчаа по големата несреќа што ја имаше Стефан од која остана парализиран“ – раскажува Сандерс.

„Со Пам заминавме во Јапонија со две нови членки – германки кои беа навистина супер замена за нашите колешки, но по кратко време сфативме дека не е тоа тоа. Не ја чувствуваш повеќе истата енергија и тука завршува сè“ – вели Мери.

Памела Брич починала губејќи ја борбата со ракот, претходно препуштајќи се на алкохол и кокаин. Валери го променила животот по цели 26 години кога сфатила дека повеќе ја интересираат жени и последните десет години од својот живот таа ги поминала во друга врска, со својата партнерка.

Силвија и Мери останле во своите бракови до смртта на нивните сопрузи. Тие сè уште живеат во големо пријателство.

„Ние никогаш не бевме познати како „Битлси“, но ние започнавме како пријателки и ние завршивме како пријателки. Мора да имало некоја посебна судбина за нас. Ние бевме „Лајвербирдс“ – завршува Силвија во своите изјави пред камерата на Op docs.

Историската рокенрол група била cover-бенд. Тие имаат три нивни песни од кои едната е „Why do you hang around me“, напишана од Памела Бирч што достигнува голема популарност и слушаност.

Нивната приказна останува историја, асоцијација за возможност на невозможноста и инспирација за да се создаде мјузиклот „Girls don’t play guitars“ во 2019 година и креирањето на краткиот документарен филм наречен „We’re Britain’s First Female Rock Band. This is Why You Don’t Know Us“.