Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) соопшти дека почнало предистражна постапка против одредени „службени лица за злоупотреба на службената положба и овластување“ во врска со бегството на Никола Груевски од Македонија.

Со оглед на фактот што станува збор за предистражна постапка, не се соопштуваат повеќе детали, но одредени членови од Законот за внатрешни работи и Законот за полиција создаваат прилично јасна слика кој би можел да биде предмет на оваа предистражна постапка, како и дека не се преземени соодветни чекори, пред сè од доделеното службено обезбедување, за да се спречи бегство на Груевски. За такво нешто денеска во заедничко соопштение реагираа и голем број граѓански организации.

Според Законот за внатрешни работи, член 33, во Министерството за внатрешни работи (МВР) овластени службени лица се: министерот, заменикот на министерот, државниот секретар, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и раководните работници.

Покрај тоа, и дел од вработените во Министерството за внатрешни работи се со статус на овластени службени лица и тоа:

– овластени службени лица за вршење стручни работи;

– овластени службени лица за безбедност и контраразузнавање, и

– полициските службеници.

Согласно Законот за внатрешни работи,посебни должности и овластувања имаат „вработените во Министерството со статус на полициски службеници, кои применуваат полициски овластувања и вработените во Министерството со статус на овластени службени лица за безбедност и контраразузнавање кои ги применуваат полициските овластувања под услови и во обем неопходни за остварување на работите од надлежност на Управата“.

Останува нејасно прашањето за какви овластувања станува збор и дали се работи за: овластени службени лица за вршење стручни работи; овластени службени лица за безбедност и контраразузнавање или полициски службеници.

Според Законот за полиција, пак, член 14, полициски службеник може да презема мерки кога се сомнева дека се подготвува или е во тек или е извршено кривично дело:

„Полицискиот службеник по службена должност или по наредба на јавниот обвинител, суд или друг орган кога е тоа утврдено со закон, презема мерки и применува полициски овластувања што се однесуваат на откривање на казниво дело и гонење на неговиот сторител кога постојат основи за сомневање дека се подготвува, во тек е извршување или е извршено казниво дело“, стои во членот 14 од Законот за полиција.

А „основи на сомневање“ постојат кога се располага со сознанија кои врз основа на криминалистичко знаење и полициско искуство може да се оценат како доказ за сторено казниво дело, што наведува дека веќе псотојат цврсти сознанија и доказен материјал и за злоупотребата на службената положба.