Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Црногорскиот сервис за борба против дезинформациите Raskrinkavanje.me го анализираше тврдењето на Виторио Згарби, градоначалникот на Сутри, во централната италијанска провинциија Витербо, кој тврди дека 25.000 луѓе во Италија не умреле од корона вирусот, туку од други болести. Видеото од неговото тврдење се ширеше интензивно на социјалните мрежи меѓу корисници од Балканот.

Но, вистината е поинаква – иако Згарби негира дека 25.000 Италијанци умреле од Ковид-19 и тврди дека податоците од италијанскиот Институт за јавно здравје покажуваат дека 96 отсто од граѓаните умреле од некоја друга патологија, тие податоци всушност го негиваат исказот на Згарби. Имено, податоците не кажуваат дека некој умрел од друга болест, туку даваат информација дека пациентите позитивни на новиот корона вирус што починале, имале и друга болест, што е суштинска разлика, пишува Raskrinkavanje.me.

Српскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите Istinomer.rs, пак, ја анализира изјавата на српската премиерка Ана Брнабиќ на првото заседание на повторно свиканиот парламент во текот на вонредната состојба во Србија. На седницата се потврдила одлуката на Владата за прогласување вонредна состојба. Притоа Брнабиќ ја бранела одлуката за вонредна состојба велејќи дека 27 држави во Европа прогласиле вонредна состојба.

Istinomer.rs нагласува дека тоа е неточна информација, оти бројката на земји што прогласиле вонредна состојба изнесува 22.