Фото-архива. Фотографија: Весна Коловска

Синоќа по 22 часот беа изгасени последните огнови кои догоруваа на стрништата во Кочанско Поле. Пожарникарите од ТППЕ од Кочани во полн состав до доцна вечерта се обидуваа да ги заштитат имотите на жителите на селата Прибачево, Мојанци, Тркање, Уларци, а во опасност беше доведена и Пречистителната станица во Мојанци, која минатата година беше изградена со средства на донатори. Станицата користи високозапаллив метан, што беше аларм за пожарникарите, кога огнот стигнал речиси до оградата на пречистителната станица, сведочи командирот на ТППЕ, Благој Паунов.

„Загрозена беше и бензинската пумпа кај Чешиново, што моравме да ја обезбедуваме. Дополнителен проблем беше и цистерната полна со гориво, која се движеше на патот Штип – Кочани. Цистерната беше заобиколена со пожарот од двете страни и не можевме да дозволиме да се движи. Во селото Прибачево во опасност беа домовите на жителите, со оглед на тоа дека огнот стигна до селото, исто како и во селото Тркање“, изјави командирот Паунов.

Како и во кризните денови на крајот од декември минатата година, кога земјоделците масовно ги палеа стрништата, кога огнот стигна до влезот на Кочани, и овој пат пожарите почнаа во попладневните часови, по работно време на инспекторите. Запалени се ниви на неколку сопственици. Земјоделски инспектор излезе на терен и по имотните листи е утврдено за кои парцели и сопственици се работи.

Синоќа идентично беше и во пробиштипскиот регион, каде исто така гореа оризови стрништа. Во овој дел, како и во Кочанско дуваше силен ветер, што дополнително го отежнуваше гаснењето.

Иако палењето на стрништата е казниво со закон, земјоделците не се откажуваат од праксата пред почетокот на новата сезона, да ги подготват нивите онака како што тоа го правеле нивните дедовци и прадедовци. Општина Кочани почна со изнесувањето на остатоците по жетвата, како превенција од палењето, но и натаму оваа пракса не се напушта.