Кругот на Општата болница – Кочани е локацијата каде Министерството за здравство планира поставување на монтажна болница за пациeнти со ковид-19 во Iсточниот регион. Во оваа монтажна болница би се упатувале пацинети, по poполнувањето на капацитетот на Инфективното одделение на Клиничката болница во Штип. На седница на Општинскиот кризен штаб од Кочани се разработи планот за поставуввање на монтажната болница.

– Кочани е една од општините каде ќе се подигне монтажна болница со целосна опрема. Предлогот е таа да биде во кругот на Општата болница. За таа цел треба да исполниме одредени услови: да изработиме платформа со приклучоци за струја, вода и канализација, а поради тоа треба да извршиме и измени во Планот за јавни набавки. Сметам дека таква монтажна болница е придобивка за Кочани и за регионот – кажа градоначалникот Николчо Илијев.

Членовите на Штабот побараа поголема внимателност од граѓаните и почитување на мерките за заштита, по високите бројки од соседната општина Штип. Во Кочани во моментов има 30 активни случаи на ковид–19, што е десет пати помалку од Штип каде има над 330 заразени.

– Внимаваме, тоа што се случува во Штип да не се прелее кај нас. Очекуваме поголем број заболени од почетокот на септември и повикуваме на сериозно и одговорно однесување и почитување на мерките, во спротивно може да се соочиме со голема криза, истакна директорот на Центарот за јавно здравје – Кочани, Гоце Серафимов.

Побарана е поголема ангажираност на инспекциите и полицијата, како и контрола на јавниот превоз, автобусите и комбињата што ги превезуваат работниците.