Во време на подзаборавеното аерозагадување, а сè позасилениот страв од корона вирусот Ковид-19, потпорниот ѕид кај тн. „Атомски згради“ на булеварот „Тодосија Паунов“ во Кочани, доби мурал со гас маска. Муралот е уметничка креација на Орхан Ќамилов, Иван Шапков, Давид Јосифов и други.

– Овој ѕид претходно беше наменет исклучиво за изборни плакати. Сѐ уште постојат траги што сведочат за тоа, кои ние до последна ќе ги отстраниме. Со неговата пренамена, од изборна/политичка во уметничка, испраќаме порака дека е време да се менува перцепцијата на нештата – кажа академскиот сликар Орхан Ќамилов.

Муралите на старите кочански ѕидови и јавни површини се дел од општинската Програма за култура, со која се дава акцент на урбаната односно уличната уметност. Целта е сивите и празни ѕидови во градот да добијат уметничка димензија.

Општината Кочани соопшти дека на просторот на ѕидот кај „Атомските згради“ што нема да биде насликан во оваа фаза, ќе се работи и догодина. Едновремено ќе се идентификуваат и нови локации за вакви или слични уметнички дела.