Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски достави писмен одговор до пратениците во врска со интерпелацијата за неговата работа која на крајот на јуни годинава ја поднесе пратеничката група од Левица – Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев. Како клучни причини за поднесената интерпелација – селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.
Коцевски смета дека интерпелацијата поднесена против него немала ниту една законска основа.
„Целосно свесен за одговорноста која ја имам пред Законодавниот дом, но и пред целата јавност, во однос и на мојата работа и постапување како државен јавен обвинител и на работата на Јавното обвинителство во целина, секогаш уредно и навремено сум одговарал на сите пратенички прашања. Функцијата ја вршам чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност“, пишува Коцевски.
Тој смета дека постапката за одговорност на јавниот обвинител е уредена со Законот за јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност каква што е интерпелацијата.
„Тоа е така за да се гарантира функцијата јавен обвинител кој раководи со единствен и самостоен орган, независен во постапувањето и одлучувањето. И покрај тоа, на интерпелацијата ѝ се дава третман како на секоја друга постапка за одговорност на политички функционер, што покажува недоволно разбирање на подносителите за самостојноста на третата власт“, пишува Коцевски.
Во врска со истрагата за Кочани, Коцевски вели дека Обвинителството постапува исклучиво врз основа на доказите кои ги има, а притоа осомничените не ги дели по партиска, етничка или која било друга припадност.
„Се постапува за сите за кои се обезбедени докази – и против сопствениците и поврзаните лица со дискотеката, и против обезбедувањето, и против сите одговорни лица во неколку институции кои со своето постапување или непостапување овозможиле таа дискотека да работи толку години. Се постапува и против припадници на МВР, високи полициски функционери, и тоа не во ‘предистрага’, како што неточно се наведува во интерпелацијата, туку во фаза на истрага во рамките на која тие активно се истражуваат и им се определени мерки на обезбедување“, пишува тој.
Тој во писмениот допис вели дека е горд на работата на обвинителскиот тим кој за кратко време успеал да прибере голем број докази за случајот за кој рече дека очекува фер и непристрасна судска постапка во која ќе се докаже дека обвинетите го сториле кривичното дело кое им се става на товар.
„Понатаму, во интерпелацијата се изнесуваат наводи за политичко влијание врз Коцевски директно од страна на премиерот Христијан Мицкоски.
„Се тврди дека „е постигнат политички договор“ постапката за мое разрешување да запре во замена за селективност и неправичност на истрагите. Одговорно тврдам дека во ниту еден момент не постоел таков обид за политичко влијание. Постапката за мое разрешување беше исто толку неоснована како и оваа интерпелација. Недостатоците во неа се наведени и во најновиот специјален извештај на Европската комисија за состојбата со владеење на правото во нашата земја, така што нејзиното запирање треба да е очекуван потег, а не некаква форма на „договорно мотивирана одлука преку ноќ“, како што се наведува во самата интерпелација. Јас од првиот момент на поднесување на иницијативата за разрешување до денес најодговорно тврдам дека не сум сторил никаква дисциплинска повреда која би била основ за таква постапка. Тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење за иницијативата за мое разрешување“, пишува Коцевски.
