Државниот јавен обвинител Љубомир Коцевски, во изјава за медиумите, на семејствата на жртвите и на повредените во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, им вети брза и целосна истрага во која ќе се утврди одговорност за несреќата.
„Формирав тим од 5 јавни обвинители, двајца од Скопје, еден од Штип и двајца од Кочани. Некои од обвинителите се на терен, а други издаваат наредби за одредени процесни дејствија. Ќе се врши увид и ќе се преземат дејствија околу евентуалните сторители, ќе се видат пропустите. Во моментов, јавните обвинители издаваат наредби во однос на евентуална одговорност за евентуални лица кои се инволвирани. На семејствата им изразувам длабоко сочувство, им гарантирам дека истрагата ќе биде целосна и брза, ќе има вештаци од сите области, за да се утврди одговорност“, кажа тој.