Фото: http://coalition.org.mk/

Коалицијата „Маргини“ која се залага за заштита и почитување на основните човекови права на маргинализираните заедници реагираат по одлуката на Уставниот суд со која се укина Законот за спречување и заштита од дискриминација. Од „Маргини“, одговорноста за пропустите во постапката ја лоцираат кај Собранието кое необезбедило уставно мнозинство за изгласување и условување на законот. Тие велат дека уште еднаш се потврдило дека потребите на најранливите и најмаргинализираните категории граѓани не се важни и вредни за заштита.

„Законот за спречување и заштита од дискриминација беше заглавен во собраниска процедура повеќе од 10 месеци, пред да биде ставен на гласање. Од денот на второто изгласување и усвојување на Законот од страна на Собранието до укинувањето на истиот од страна на Уставниот суд, помина една година во која не беше формирана Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, иако Собранието имаше законска обврска да го избере составот на Комисијата и со тоа да овозможи спроведување на Законот и функционалност на клучниот орган за унапредување на еднаквоста на граѓаните“ – стои во реакцијата на Коалиција „Маргини“.

Тие потенцираат дека несериозниот и незаинтересираниот пристап на Собранието во целиот процес, како и недостатокот на политичка волја за спроведување на законот и избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација покажува дека на властите не им се важни човековите права и еднаквоста на граѓаните, особено маргинализираните групи како Ромите, ЛГБТИ, луѓето со попреченост, жените, сиромашните граѓани и сите останати кои преживуваат на маргините.

Од Коалицијата „Маргини“ бараат веднаш по спроведувањето на најавените парламентарни избори и изборот на новиот парламентарен состав, без разлика на тоа која коалиција ќе го формира парламентарното мнозинство, Законот за спречување и заштита од дискриминација да се најде меѓу првите точки на дневниот ред на Собранието.