Мрежата за заштита од дискриминација апелира и бара од Владата и надлежните институции да преземат мерки за спречување на вознемирувањето и прекршувањето на човековите права на луѓето позитивни на Ковид-19 и на луѓето кај кои постои сомневање дека се позитивни на вирусот.

„Во изминатиот период се појавија голем број на написи на медиумите, воглавно на интернет-порталите, каде се објавија слики, имиња и листи на граѓани кои се позитивни на Ковид-19 или кај кои постои сомневање дека се позитивни. Овие медиумски содржини се проблематични и штетни од многу аспекти“, се наведува во нивното соопштение.

Од Мрежата за заштита од дискриминација посочуваат дека Законот за заштита на правата на пациентите го гарантира правото на доверливост на сите пациенти, што значи дека здравствениот персонал не смее да издава какви било податоци поврзани со здравствената состојба на трети лица кои не се вклучени во лекувањето на пациентот. Следствено на ова, медиумите имаат обврска да го почитуваат Законот за заштитата на личните податоци, а Агенцијата за заштита на личните податоци треба соодветно да постапува и да ги санкционира.

„Со објавувањето на личните податоци на луѓето заболени од Ковид-19 или, пак, податоците на оние кај кои постои сомневање, се ризикува нивната безбедност и благосостојба. На овој начин, самите пациенти се изложуваат на јавен линч, се прогласуваат за опасни по јавното здравје, вината за инфицирањето се бара во нив, а тие се обележуваат како неодговорни, несовесни и опасни граѓани“, потенцираат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Стигмата околу корона-вирусот и стравот од реакцијата на околината се клучни фактори коишто ги оддалечуваат пациентите од здравствениот систем.

„Со други зборови, доколку постои ризик граѓаните кои се позитивни на корона да бидат јавно осудувани и прозивани, помала е веројатноста дека тие ќе сакаат да се тестираат, да се обидат да побараат помош од здравствениот сектор, да ги почитуваат мерките и да даваат искрени одговори за нивните контакти. Поради истите причини, воведувањето на мерки како јавно објавување на имињата на носителите на вирусот се контрапродуктивни на напорите за надминување на кризата“, посочуваат тие.

Од невладиниот сектор потенцираат дека не постои јавен интерес во објавување на имињата на заболените, бидејќи таа информација не му користи на обичниот граѓанин, напротив, само предизвикува гнев, осуди и ризик од насилство и прекршување на други права.