Од Мрежата за заштита од дискриминација и од Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата упатуваат остра осуда кон изјавата на Сулејман Реџепи. Тие потсетуваат дека со неговите зборови се нарушува правото на остварување на слобода на религија и вероисповест како основно човеково право, изрично гарантирано во членот 19 од Уставот на Република Северна Македонија.
„Со оглед на тоа што изјавата е јавно искажана, таа носи штетни последици за геј – луѓето кои и онака се наоѓаат на маргините во нашето општество и секојдневно се соочуваат со исклучувања во речиси сите аспекти на живеењето. Верското убедување на Сулејман Реџепи не го ослободува од обврските што тој како граѓанин ги има според Уставот“, се наведува во соопштението.
Од невладиниот сектор потсетуваат дека во повеќето религии може да се најдат текстови и вредности кои повикуваат на еднаквост и емпатија, но поглаварите на овдешните верски заедници одбираат да ја толкуваат религијата како барање за прекршување на правата на ЛГБТИ луѓето. Според нив, ова претставува религиски фундаментализам и за него нема простор во демократско општество.