Фото: Kampus Production @Pexels

Здруженија на граѓани и мрежи од граѓански организации, кои се дел од коалицијата „Маргини“ ги поздравуваат реформите предвидени во Предлог законот за учебници и други наставни и дидактички материјали и сметаат дека законот ќе донесе позитивни промени и напредок во образовните политики, особено од аспект на унапредување на пристапот до образование, еднаквоста и недискриминацијата во образованието.

Според нив, клучен проблем, за кој Предлог – законот за учебници и други наставни и дидактички материјали предлага соодветни решенија се застарените содржини во учебниците кои промовираат нееднаквост и исклучување на различни категории граѓани.

„Здруженијата на граѓани, но и меѓународните и регионалните тела за човекови права со години наназад бараат и препорачуваат засилен институционален одговор по прашањата на застареност, дискриминација и несоодветна репрезентација на различните општествени групи. Конечно, Министертсвото за образование и наука ја препозна сериозноста на овој проблем, кој директно приденосува до слаби резултати во образованието, оневозможува учениците да се стекнат со современи знаења за активен проидонес во демократските општества, дополнително ја продлабочува нееднаквоста и го прави образованието нерелевантно, а учениците недоволно мотивирани,“ се вели во соопштението.

Според Коалиција „Маргини“ предлог-законот се предвидува експлицитна забрана за дискриминација и обврска за промовирање на мултикултурализмот, родовата еднаквост, почитувањето на човековите права, различноста, демократијата, граѓанското учество и критичкото размислување.

„Со предлог-законот е предвидено унапредување на пристапот до образование за учениците со попреченост и учениците од социјално загрозени семејства. Дигитализацијата на учебниците го унапредува пристапот до нив за учениците со попреченост, со помали трошоци за печатење на прилагодени учебници.Најдобриот интерес на децата е да добијат современо, релевантно, достапно и пристапно образование кое одговара на нивните потреби, ги стимулира критички да разлислуваат, ги стимулира сами да доаѓаат до знаења и одговори, не морализира и не осудува, претставува различни светогледи и ги воспитува децата во духот на демократските вредности,“ се вели во соопштението.

Коалиција „Маргини“ го повикува Собранието во најскор можен рок да го донесе Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали.

„Бараме од надлежните институции да ја спроведат реформата без оставање на ниеден ученик/ка надвор од пристап до основните образовни ресурси.Бараме од Бирото за развој на образованието и од Министерството за образование и наука спроведување на обуки за целиот наставен кадар, со цел обезбедување на основни ресурси за спроведување на реформата,“ велат од Коалиција „Маргини“.