Коалата прогласена за загрозен вид во делови од Австралија

фото: Jordan Whitt на Unsplash

Австралија ја прогласи коалата за загрозен вид низ поголемиот дел од нејзиниот источен брег, по драматичното намалување на бројот на овие тревопасни торбари, јави „Би-би-си“.

Коалата е доведена во опасност поради пожари, суша, болести, расчистувањето на земјиштето и други закани.

Федералните власти соопштија дека прогласувањето на коалата за загрозен вид се однесува на Квинсленд, Нов Јужен Велс и Австралиската престолнинска територија. Тие повикаа да се направи повеќе за заштита на овие животни од брзото намалување на живеалиштата и климатските промени.

Коалата беше наведена како „ранлив“ вид во овие делови од Австралија во 2012 година.

Минатата година, истрага во Нов Јужен Велс покажала дека, доколку не се преземе итна акција, коалите ќе исчезнат таму до 2050 година. Се проценува дека шумските пожари од 2019 и 2020 година убиле околу 5.000 коали и зафатиле 24 отсто од нивните живеалишта само во оваа држава.

Најголемата австралиска организација за зачувување на коалата вели дека сега можат да останат само 50.000 животни во дивината.

„Коалите преминаа од ранлив во загрозен вид во само една деценија. Ова е шокантно брз пад. Денешната одлука е добредојдена, но нема да го спречи исчезнувањето на коалите, освен ако истата не е придружена со засилени закони и стимулации на сопствениците на земјиштата за заштита на нивните шумски домови“, изјави Стјуарт Бланч од австралискиот Светски фонд за природа.

Научниците предупредуваат дека климатските промени, кои ќе доведат до влошување на ситуацијата со шумските пожари, ќе го намалат квалитетот на исхраната на ова животно со листови од еукалиптус.