fbpx

Кој да ги спаси скопските „зелени фабрики за кислород“ заробени во бетон?

-

Од 1.000 досега евидентирани заробени дрвја во Скопје од страна на скопскиот  Шумарски факултет, само мал дел се веќе ослободени или ќе бидат ослободени во наредниот период, пред да се исушат.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов се изјасни дека Градот е надлежен за спас на само 187 дрвја кои биле на булеварите и на градските сообраќајници, додека за останатите се надлежни општините. Општините, пак, досега малку или ништо не превземале околу ослободување на дрвјата кои се во нивна надлежност.

Екологистите предупредуваат дека вкупниот број на „возрасни“ дрвја во градот, на кои им се заканува да се исушат поради тоа што стеблата им се заробени во бетон и асфалт поради несовесно изведување на градежни работи околу нив е многу поголем од 1.000 бидејќи на апликацијата која ја изработи Шумарскиот факултет не се евидентирани дрвја на подрачјето на општините Кисела Вода, Аеродром и Ѓорче Петров.

– Сè уште не сме добиле налог од Град Скопје да работиме на ослободување на заробените дрвја што се наоѓаат на територијата на нашата Општина, но ние самоиницијативно веќе ослободивме две, во Карпош 4, кои беа забетонирани и планираме да работиме и во иднина на ослободување на дрвја на кои им се заканува сушење поради несоодветни градежни активности“, изјави за „Мета“, Димитар Караташев од одделението за односи со јавност на Општина Карпош.

Општина Центар, која изминативе години изгубила најмногу зелени површини во градот, но има и најголем број на евидентирани заробени дрвја, досега не ослободила ниту едно.

– Информирани сме за состојбата со дрвјата и во директен контакт и соработка со Шумарскиот Факултет во Скопје, поточно со профeсорот Кирил Сотировски, започнавме со лоцирање на дрвјата врз основа на мапата изработена од факултетот“, велат од Општина Центар.

Оттаму најавуваат дека веќе во текот на следната недела ќе се почне со отстранување на бекатонот околу дрвјата на вториот дел од Боемската улица.

Општина Центар, исто така, за првпат годинава има ангажирано фирма на договор за одржување на парковите и зелените површини кои се наоѓаат на нејзина територија и ветуваат дека годинава нема да се повторат сликите на исушени тревници, неисправни системи за наводнување и запуштено зеленило од минатото лето.

Сепак, при донесувањето на буџетот на оваа општина минатиот декември, не поминал амандманот поднесен од претседавачката на Советот на Општината, Јана Белчева, со кој таа бара да бидат издвоени средства наменети токму за ослободување на заробените дрвја кои се во надлежност на општината, што го потврди Белчева во телефонски разговор за „Мета“.

Во Годишната програма на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ за 2019 година стои дека тие се „единствено јавно претпријатие кои се грижи за подигање, уредување и одржување на зелените површини на територијата на Градот Скопје“ и дека „работните активности ги извршува на територијата на општините на Град Скопје“.

– Ние како јавни претпријатие имаме увид во мапите кои ги прават од Шумарскиот факултет, но самото ослободување од бетон не го вршат наши екипи“, велат од претпријатието и за подетални информации на ова прашање не упатија на Градот.

Неофицијално дознаваме дека кај дел од кафанџиите во Општина Центар, во борба за секоја педа од плочникот на кој имаат поставено маси, постои отпор кон менување на состојбата со сега забетонираните дрвја. Паркови и зеленило тврдат и дека редовно алармираат за појавите за ваквото оштетување на дрвјата во градот, се изготвуваат записници, а инвеститорите мораат да го вратат зеленилото во првобитната состојба.

– Не постојат проекти и издадени дозволи каде е предвидено оштетување на дрвата на овој начин, туку најчесто станува збор за нестручно и невнимателно изведување на градежни работи на терен“, велат од ЈП „Паркови и зеленило“ и упатуваат на општинските градежни инспектори.

Пред една година, најавувајќи го почетокот на проектот „Дрво за секое дете“ во соработка со скопските гинеколошки клиники, скопскиот градоначалник изјави дека се должни да го надоместат изгубеното зеленило и дополнително да ги зголемат парковите и дрворедите во сите општини во градот.

– Нашите сограѓани заслужуваат подобрување на услови за живот, а промената започнува од самите нас. Ние сме пример на нашите деца, внуци, на најмладите. Заедно ќе го направиме Скопје поубаво место за живеење – рече Шилегов.

Од „О2 Иницијативаta“ му порачаа да застане зад тоа што го рекол.

– Искористете ги ингеренциите кои се кај вас, а не кај општините и започнете ја заедничката акција ослободување на заробените дрвја на Скопје – велат од „О2 Иницијатива“.

Деканот на Шумарски факултет, Кирил Сотировски, пред неколку дена за телевизија „24 “ изјави дека од мапираните дрвја во Центар, веќе има евидентирано еден повеќе децении стар јасен кој е исушен, бидејќи бил со избетониран корен и дека, доколку итно не се превземат мерки за ослободување на заробените дрвја, Скопје ќе остане без огромен број исклучително вредни „зелени фабрики за кислород“.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...