Книжевниот фестивал „Букстар“ ќе се одржи од 12 до 15 октомври под слоганот „Genresis“

Книжевен фестивал „Букстар“ 2021. Фото: Организаторот на „Букстар“.

Седмото издание на Фестивалот на европската литература „Букстар“ ќе се одржи од 12 до 15 октомври во Скопје, под слоганот „Genresis“, во организација на издавачката куќа „Антолог“.

Оваа година, пред книжевната публика ќе бидат претставени девет автори. Прва е Катарина Винклер од Австрија, која ќе се престави со својот роман „Модар накит“, а потоа следи еден од најпродуктивните и најквалитетните македонски писатели – Влада Урошевиќ. Трет е наградуваниот црногорски автор Огнен Спахиќ, чии книги се преведени на десетина јазици, а во Скопје ќе гостува и исландскиот романсиер и поет Сјон, книжевна ѕвезда во европската литература.

Пред македонската публика ќе се претстават и Миодраг Мајиќ од Србија, познатиот двигател на промените во српското правосудство и автор на два врвни романи, косовскиот автор Балсор Хоџа кој има напишано неколку книги и е познат и влијателен публицист, но и хрватската писателка и драматург Марина Вујчиќ,која е подеднакво активна и во театарот и во книжевноста, а моментално ја извршува функцијата директорка на драмата во Хрватскиот народен театар во Сплит.

На фестивалот „Букстар“ годинава ќе гостуваат и шведската романсерка Софија Лундберј која стана позната преку нејзиниот роман „Црвениот адресар“, како и хрватската писателка Михаела Гашпар.

Од „Антолог“ информираат дека во фокусот на фестивалот ќе бидат промоциите на гостите автори, а ќе биде организирана и тркалезна маса на тема „Превод/комуникација,/разбирање“.

„Ќе бидат организирани и настан во чест на 100-годишнината од раѓањето на Станислав Лем, книжевна дискусија на тема „Книжевни жанрови: систем или креативен хаос“, работилница за креативно пишување од страна на Сјон, книжевно читање „Ти реков, ми рече“, познатиот книжевен поткаст „Гол ручек“ во живо, како и Саем на европската литература“, велат оттаму.

Дизајнот на официјалниот фестивалски постер и на другите промотивни материјали е на Стефан Танков, а настанот е организиран во соработка со Младинскиот културен центар, каде што ќе се одржат фестивалските настани.

Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен, но задолжителен е вакцинален сертификат. За време на фестивалот, ќе бидат почитувани сите протоколи и заштитни мерки за превенција од ковид-19.