Книгата „Куферот на Хана“ од Карен Левин ги едуцира децата за холокаустот

Фото: Арс Ламина

Во спомен на жртвите на холокаустот и на кобната Кристална ноќ, која се смета за почеток на погромот и злосторството врз Евреите низ Европа, вчеравечер (9 ноември) во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија се одржа промоцијата на книгата „Куферот на Хана“ од Карен Левин, информираат од Арс Ламина.

Наградуваната книга за деца „Куферот на Хана“, од канадската авторка и новинарка Карен Левин, на македонски јазик е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а е објавена во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Изданието е дел од едицијата „Читанки“ и е наменето за деца над 10-годишна возраст, преку кое, на суптилен образовен начин, ќе се едуцираат за тешката судбина на Евреите и за холокаустот.

На промоцијата на книгата се обратија Горан Садикаријо – извршен директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, м-р Жаклина Мучева – од Фондот и Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“. Извадок од книгата читаше Теодора Велковска, ученичка во ОУ „Војдан Чернодрински“ од Скопје.

Горан Садикаријо во својот говор потсети на случувањата од 9 и 10 ноември 1938 година, кога во цела Германија и во делови од Австрија се случи Кристалната ноќ (или Ноќ на скршено стакло), чин на масовно прогонство на Евреите од нивните домови.

„Денес се навршуваат 83 години од Кристалната ноќ или Ноќта на скршеното стакло. Ноќ во која во нацистичка Германија, анектираната Австрија и окупираните делови на Чехословачка биле запалени над 1.000 синагоги, уништени над 7.500 еврејски дуќани, уапсени и депортирани над 30.000 луѓе во концентарционите логори Дахау, Заксенхаузен, Бухенвалд, а убиени над 100 Евреи. Овој ден, 9 ноември 1938, се смета за почеток на масовниот прогон кон Евреите, единствено затоа што биле Евреи и неформалното отпочнување на холокаустот“, истакна Садикаријо.

Холокаустот е трагедија на човештвото поради спалените шест милиони Евреи – невини жртви, а должност на секое демократско општество е трагичните настани од Втората светска војна и уништувањето на Евреите, нивната култура, да останат како опомена на човештвото ова безумие да не се повтори никогаш веќе.

„Куферот на Хана“ е необична вистинска приказна што ја оживува историјата на холокаустот и има цел да ги образува младите читатели за овој мрачен период кога било извршено едно од најголемите историски злосторства кон еден народ.

„По завршувањето на Втората светска војна, бегалците и раселените лица барале исчезнати деца низ Европа. Барањето продолжува и денес… Една ваква потрага нѐ води и до приказната за Хана Бради“, раскажа Мучева.

Имено, во 2000 година, директорката на еден мал образовен Центар на холокаустот во Токио, Фумико Ишиока, добива една многу важна пратка за изложбата што ја подготвува. Меѓу другите артефакти испратени од музејот „Аушвиц“, пристигнува и еден празен куфер. На него стои испишано името на сопственичката: Хана Бради, 16 мај 1931, сираче. По ова почнува потрагата по приказната за Хана, која ја води до братот на Хана, Георг Бради, кој го преживеал логорот.

Децата кои го посетувале Центарот во Токио, имале наплив од прашања: Која била Хана Бради? Од каде потекнувала? Како изгледала? Како станала сираче? Што ѝ се случило?

Поттикната од љубопитноста на децата и од сопствената потреба да стигне до одговорите, Фумико се впушта во детективска работа, трагајќи низ светот по делчиња од сложувалката за животот на Хана.

„Куферот на Хана“ не ја открива само приказната на Хана Бради за нејзиниот краток живот и за животот на нејзиниот брат Георг кој го преживува холокаустот, туку го покажува и влијанието на куферот врз децата од „Мали крилја“ во Јапонија. Куферот во Јапонија служи како образовна алатка што ги подучува децата на толеранција, почит и сочувство.