Книгата „Гравитација“ на Емилија Тодорова ја доби наградата „Стојан Христов“ на Струшките вечери на поезијата

фото: „Струшки вечери на поезијата“

Книгата „Гравитација“ на поетесата Емилија Тодорова од Австралија ја доби наградата „Стојан Христов“ за 2022 година на „Струшките вечери на поезијата“. Збирката на Тодорова победи во конкуренција на „На каучот на Зигмунд Фројд“ на Јулијана Младеновска од Хрватска, „Песни“ на Јосиф Грежловски- Гандедо од САД и „Позлатено распетие“ на Ивица Челиковиќ од Шведска.

Книгата „Гравитација“ е во издание на Агенцијата за иселеништво. Одлуката ја донесе жири-комисијата во состав Митко Гогов, Елена Пренџова и Бранко Цветковски.

„Поезијата на Емилија Тородова е во духот на современоста, односно кореспонира со духот на времето на кое припаѓа поетесата. Очигледно станува збор за веќе созреана поетски натура која повеќе го слуша диктатот на можната уверлива естетика на песната, заокружена и екетна, отколку спонтанитетот и неодоливоста на емотивните ерупции и обопштувања… Конечно, збирката поезија „Гравитација“ е зрело поетско писмо со дистинктивен личен печат кој се наметнува како оригинално и уникатно писмо кое отскокнува од останатите пристигнати творби и кое несомнено ги задоволува естетските и канонски книжевни критериуми“, стои во образложението на жири-комисијата.