fbpx

Клучните инфраструктурни проекти лани заглавија во лавиринтите од тендери и администрација

-

Изминатата 2021 е година што ја одбележа понатамошниот развој на патниот сообраќај, како и уназадување на железницата во земјава. Исто така, изминатата година може да се окарактеризира како период во којшто клучните инфраструктурни проекти во Македонија заглавија во лавиринтите на тендери и административни процедури. Меѓународниот тендер за изградба на пругата кон Бугарија течеше во текот на целата година, добар дел од годината измина во финализирање на постапката за избор на изведувачи на експресниот пат Градско-Прилеп на Коридор 10д, започна нова тендерска постапка за доградба на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка на Коридорот 8, додека во Собранието на РСМ заглави новиот рок за довршување на автопатот Кичево-Охрид.

Она што беше успешно реализирано лани секако е пуштањето во употреба на експресниот пат Штип-Радовиш. Двете фази од овој значаен проект за југоисточниот дел од земјава беа завршени изминатава година, со што граѓаните добија модерен патен правец во должина од 40 километри и максимална брзина на движење од 110 километри на час. Со изведбата на овој експресен пат, за двојно се намали времетраењето на патувањето меѓу Скопје и Струмица, но и другите населени места од овој дел на земјата.

Од Владата се пофалија дека експресниот пат Штип-Радовиш е завршен пред планираниот рок за изведба на проектот, што е навистина реткост во досегашната историја на реализација на крупните инфраструктурни зафати. Сепак, во другите значајни проекти, во 2021 година е забележано доцнење на роковите за изведба.

Па така, на почетокот од минатата година, од Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта ветија дека до крајот на 2021 ќе биде завршена изградбата и на втората фаза од експресниот пат Штип-Кочани. Делницата од селото Крупиште до Кочани е во должина од 13,7 километри, но најновите најави на владините претставници се дека финализирањето на овој капитален проект за источниот дел на Македонија сепак ќе почека на отворање за сообраќај во 2022 година.

И покрај најавите дека ќе бидат готови во 2021 година, првите два километра од автопатот Скопје-Блаце е планирано да бидат завршени до средината на 2022 година, најавија од Владата на РСМ кон крајот на минатата година. Пред речиси една година, од Јавното претпријатие за државни патишта за Мета.мк рекоа дека очекуваат од изведувачот да ги испочитува зададените рокови, односно да ја заврши изградбата на делницата од граничниот премин до клучката Блаце до летото 2021 година.

Во делот на пробивањето на роковите, најзагрижувачка е состојбата со автопатот Кичево-Охрид на Коридорот 8. На 30 јуни минатата година, измина вториот зададен рок на делницата долга 57 километри. Владата изминатово лето го усвои анексот за продолжување на рокот за овој капитален проект, со предлог рокот за пуштање во употреба на автопатот да биде продолжен до 31 декември 2023 година. 

Сепак, и по повеќе од четири месеци од ваквата владина одлука, Собранието на РСМ го нема усвоено анексот за продолжување на рокот за довршување на автопатската делница од страна на кинескиот изведувач „Синохидро“. Во меѓувреме, на терен со забавено темпо се одвиваат градежните работи на овој автопат.

Кај патниот Коридор 8, експресниот пат Ранковце-Крива Паланка лани се градеше исто така со забавено темпо, откако беше раскинат договорот со италијанската компанија „Тирена Скави“ во делот на изведбата на подделницата од Длабочица до Чатал во должина од 15,5 километри. За овој патен правец беше распишан нов тендер, а градежните работи за довршување на овој експресен пат треба да продолжат во 2022 година.

Еден од најважните настани што ја одбележаа 2021 година е одлуката за влез на американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ во довршувањето на патните Коридори 8 и 10д. Во март Владата го потпиша Меморандумот за разбирање и соработка, по што Собранието на РСМ го донесе Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот.

Инаку, Антикорупциската комисија лани побара од Уставниот суд да ја поништи и стопира примената на специјалниот закон што беше усвоен од Собранието на РСМ, но уставните судии на крајот не поведоа постапка за оценување на уставноста. Владата кон крајот на годината го формираше и Комитет за преговори и преговарачкиот тим за преговори со „Бехтел-Енка“ за изградба на автопатите Тетово – Гостивар – Букојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан од патниот Коридор 8, како и автопатската делница Прилеп – Битола на Коридорот 10д.

2022 ќе биде годината кога ќе се знаат многу повеќе детали околу изворите на финансирање, начинот на изградба и роковите за изградба на неколкудеценискиот стратешки интерес на земјата – завршување на Коридорот 8. Веќе е извесно дека прв од планираните автопати за изградба ќе биде трасата Гостивар-Кичево, на потегот од Кичево до селото Букојчани поради обезбедените средства за неговата изградба кон крајот на минатата година.

Кога сме кај клучните патни проекти, вреди да се напомене дека по долготрајна пауза, лани започна довршувањето на изведбата и на експресниот пат Градско-Прилеп, каде што пак изведбата на делницата од Дреновската до Фаришката клисура ја презеде кинеската компанија „Синохидро“. Оваа компанија која што беше првично внесена во изведбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, во моментов е вклучена и во изградбата на втората фаза од експресниот пат Штип-Кочани.

За разлика од делумниот успех во реализацијата на проектите од патната инфраструктура, во делот на железницата 2021 година беше одбележана неславно. И покрај тоа што се ветуваше дека изборот на изведувач на пругата Куманово-Крива Паланка од Коридорот 8 ќе заврши во текот на минатата година, до крајот на годината не беше избран изведувачот и не беа започнати градежните работи на терен.

Европската Комисија во својот Извештај за реформскиот напредок на земјава лани побара од државата да преземе итни мерки за да се забрза реализацијата на пругата долга 64,8 километри. Понудите од заинтересираните компании и конзорциуми за изградба на железничката делница се доставуваа до средината на ноември, но изборот на најповолен изведувач и почетокот на градежните работи се очекуваат за првиот квартал од 2021 година.

Во 2021 година се работеше на дооформување на финансиската конструкција за изградбата на последната трета фаза од пругата кон Бугарија, меѓу Крива Паланка и граничниот премин Деве Баир, за што Владата на РСМ аплицираше до Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (ВБИФ) за обезбедување на сума во висина од 150 милиони евра. 

Еден позитивен момент за железничката инфраструктура е фактот што лани Јавното претпријатие за железничка инфраструктура работеше на идејното решение за изградба на новиот железнички крак од постојната пруга Скопје-Куманово до Меѓународниот аеродром Скопје.

Од ова јавно претпријатие очекуваат дека до крајот на 2023 година би се изградила железничката пруга до скопскиот аеродром со што би се обезбедила директна железничка врска меѓу центарот на Скопје и аеродромот. За овој проект треба допрва да се доврши проектната документација и да се обезбедат средства за нејзиното финансирање, па за очекување е во 2022 година да се работи на овие активности.

Инаку, железничкиот транспорт во земјава за првпат лани се соочи со неисполнување на зацртаниот возен ред, во којшто беа впишани само 15 пара возови дневно. И покрај тоа што меѓународни патнички возови воопшто не беа планирани во 2021 година, повеќе од половина од минатата година не сообраќаа ниту возовите од Скопје кон Кичево, Кочани и Приштина.

Во услови кога ЕУ ја одбележуваше 2021 како Европска година на железницата и во Скопје во септември лани пристигна европскиот воз „Connecting Europe Express“ за да ја испрати пораката на ЕУ дека иднината на транспортот е во железницата, чекорите преземени од македонските власти за редуцирање на патничкиот железнички превоз се во целосна спротивност со пораките коишто пристигнуваа од официјален Брисел.

Заклучокот од изминатава година е дека повеќе работа и исполнување на зададените рокови и ветувања од страна на централната власт во делот на клучните патни и железнички проекти нема да бидат на одмет, како за избегнување на критиките коишто пристигнуваат од ЕУ за нивното исполнување, така и за надминување на незадоволството кај македонската јавност во однос на нивната реализација.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.