fbpx

Клучна недела за СЈО: В четврток нов извештај, в петок судење за „Пуч“

-

Неделава, според досега најавената агенда, се закажани два клучни  настани поврзани со работата на Специјалното јавно обвинителство. Првиот е поднесувањето на новиот шестмесечен извештај за работата на СЈО, на 15 септември, а вториот е закажаното рочиште во Кривичниот суд за случајот „Пуч“, следниот ден.

Јанева вториот извештај ќе го поднесе на годишнината од нејзиното назначување за специјална јавна обвинителка и од основањето на СЈО.

„Јавниот обвинител ќе поднесува извештај секои шест месеци за неговите, односно нејзините активности, вклучувајќи и опис за напредок во која било истрага или гонење преземено од јавниот обвинител. Во таквиот извештај може да бидат изоставени материјали кои според јавниот обвинител треба да се чуваат како доверливи, но ќе обезбеди соодвети информации за да ги оправда трошоците“, стои во ставот 2 од члнот 7 на Законот за СЈО.

Првиот извештај на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, од 15 март, беше повод за жестоки расправии меѓу СЈО и Советот на јавни обвинители. Советот инсистираше Јанева лично да образложи делови од извештајот, поради што седниците за негово разгледување беа неколкупати одложувани. Истото го бараше и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Пратениците на владејачкото мнозинство ја обвинија Јанева дека со нејзиното недоаѓање не ги почитува институциите и се става над Собранието и над Уставот. Недоаѓањето на Јанева беше повод за кавга меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

„Сметам дека извештајот содржи сè што е потребно. Не станува збор за некој обемен документ. Доколку претставниците на овие институции имаат некакви забелешки, нив можат да ги достават до СЈО, а ние ќе ги разгледаме и може да ги вклучиме во наредниот шестмесечен извештај“, изјави  тогаш Јанева и неколкупати нагласи дека нема намера да се појави во овие институции за извештајот.

Во врска со судењето за „Пуч“, во кој меѓу обвинетите се лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, последното рочиште се одржа на 2 март.

Специјалната обвинителка тогаш бараше одложување на расправата бидејќи, како што рече, на судењата не доаѓа сведокот, кој е оштетен во случајот и дека од судот не им се доставени копиите од списите и електронските докази што им се потребни за да ги подготват воведните говори. Јанева не го кажа името на сведокот, но јасно е дека станува збор за поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Следното рочиште беше закажно за 3 мај, но тоа воопшто не се одржа бидејќи во меѓувреме се случи аболицијата на 56 политичари и нивни соработници, која на 12 април ја донесе, а потоа ја укина претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

На почетокот на јуни, по укинувањето на аболицијата, Апелацискиот суд Скопје ги прифати жалбите на СЈО и на обвинетите во „Пуч“ против одлуката на Кривичниот суд за запирање на процесот и донесе одлука судењето да продолжи. Апелацискиот суд претходно донесе одлука со која му наложи на Кривичниот суд да ѝ ги даде на Јанева копиите и доказите, но од првостепениот суд одговорија дека тие немаат обврска да ги дадат копиите и покрај одлуката на Апелација која, според нив, не е обврзувачка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Адвокатската комора не може да одземе лиценци зашто некој би го бранел Палевски

Адвокатската комора не може да ја одземе лиценцата зашто некој адвокат решил да го застапува Љупчо Палевски Палчо, бидејќи тоа е негово право на одбрана, но исто така и адвокатите...