Министерството за здравство (МЗ) извести дека на Универзитетската Клиника за хематологија, во соработка со Универзитетската Клиника за детски болести денеска се реализирала афереза (одвојување) на периферни матични клетки од деветгодишно дете, кои ќе се искористат за лекување за неговата сестра, која боледува од акутна леукемија и на која ѝ е потребен третман со трансплантација на матични клетки.
„Со оваа соработка се отвара можност и педијатриски пациенти и донори да бидат лекувани со овие најсофистицирани медицински интервенции“, порачуваат од МЗ.
Досега за вакви зафати пациентите од помала возраст мораа да се одат во странство.
Како што соопшти министерството, на Клиниката за хематологија се реализирала обука со странски експерт, а во иднина кадарот од оваа клиника ќе врши дополнителна едукација на други домашни лекари и за оваа и за други сродни постапки. Од МЗ велат дека на клиниката во изминатиот тригодишен период се реализирани над 150 трансплантации, а одредени постапки во поглед на матичните клетки на клиниката се вршат веќе 21 година.
„Од нив 6 хаплоидентични трансплантации, 20 трансплантации од несроден донор, најсложени интервенции заради кои во минатото пациентите беа праќани за третман во странски центри. Резултатите од третманот со овие интервенции се идентични со оние од европските центри за трансплантација и се пријавуваат во базата на Европската група за трансплантација на матични клетки (ЕБМТ) во која членува и тимот за трансплантација на клиниката од 2003 година. На 15 септември 2021 година клиниката ќе го одбележи своето искуство од 21 година со трансплантација на хематопоетски матични клетки и реализирани 615 трансплантациони процедури“, се вели во соопштението од МЗ.