Клиниката за гастроентерохепатологија стана член на Конзорциум на Европската асоцијација за проучување на хронична црнодробна инсуфициенција чии активности се насочени кон продлабочување на научните истражувања за хронична црнодробна слабост. Со ова, клиниката станува еден од 100-те референтни центри за проучување на хроничната црнодробна слабост кои се лоцирани во 26 европски држави, соопштуваат од клиниката и додаваат дека активностите во рамките на Конзорциумот имаат крајна цел подобрување на квалитетот на живот и зголемување на преживувањето на пациентите со цироза на црн дроб.
За добивање на овој Сертификат за членство апликацијата била поднесена минатата година.
„Добивањето на сертификатот е потврда за низата активности кои беа преземени за унапредување на дијагностиката и третманот на болестите на црниот дроб кои ги направивме во изминатиот период. Ова исто така е доказ за високата стручност и посветеност на нашите доктори и истражувачи, кои се рамо до рамо со европските колеги. На крајот најголема придобивка секако имаат пациентите преку продолжување на нивниот живот и подобрување на неговиот квалитет, и покрај тоа што имаат тешко заболување“, вели проф. д-р Калина Гривчева Старделова, директор на Клиниката на гастроентерохепатологија.
Минатиот месец на Клиниката за гастроентерохепатологија беше отворен и посебен Центар за болести на црн дроб, а во март годинава заврши и темелното реновирање на едниот кат на клиниката.