fbpx

Климатските промени го оневозможија почетокот на ски-сезоната на Попова Шапка, загубите се околу 500.000 евра

-

Климатските промени влијаат врз целиот свет. Ефектите на оваа негативна појава во последно време ги чувствуваат туристичките центри низ цела Европа. Овде кај нас, свој ефект имаат и врз Попова Шапка, најголемиот скијачки центар во земјава. Топлото време и недостатокот на снег го оневозможи навремениот почеток на скијачката сезона, всушност истата сè уште не е започната. За тоа какво влијание имале климатските промени врз овој туристички центар и какви последици имаат, во разговор со Порталб.мк направен на 18 јануари 2023 година зборува Адем Авзиу, директор на туристичкиот центар Попова Шапка.

 

Кога вообичаено започнува скијачката сезона во рекреативниот зимски центар Попова Шапка и колкаво е годишното закаснување на скијачката сезона поради топлото време и недостатокот на снежните врнежи?

Авзиу: Обично скијачката сезона ја започнуваме на 15 декември, и реално сега сме 18 јануари, имаме месец и три дена задоцнување на скијачката сезона поради климатските услови, поради глобалното затоплување кое е присутно во дел од Европа и главно во Балканскиот дел, каде припаѓаме и ние како држава.

Имајќи го ова во предвид, дали можете да прогнозирате кога би можела да започне скијачката сезона?

Авзиу: Реално во изминативе денови имавме врнежи од снег и во раните утрински часови ги правевме потребните припреми на скијачките терени, со единствена цел да го зачуваме и да го имаме на скијачките терени секој нов наврнат снег што го имаме,  за да акумулираме што повеќе снег на патеките, за да имаме простор и можност и да започнеме со туристичката сезона. Но еве, климатските услови не ни ветуваат. Вчера, кон попладневните часови имавме врнежи од дожд кои продолжуваат и денес. Имаме најави дека ќе имаме квалитетни врнежи од снег кон петок, сабота и недела. Со самиот факт што имавме врнежи од снег, планиравме некаде кон сабота или недела да ја започнеме скијачката сезона, но наредните денови ќе видиме како ќе бидат климатските услови, колкава количина и квалитет на снегот ќе имаме, за да донесеме една одлука во врска со започнувањето на туристичката сезона.

Колкава финансиска штета е нанесена во актуелнава сезона од топлото време и недостатокот на врнежи од снег во Попова Шапка?

Авзиу: Да ви кажам право, пред новогодишните одмори сите хотелски капацитети што оперираат во туристичкиот центар Попова Шапка беа резервирани, како и капацитетите во приватните вили кои се нудат во овој туристички центар. Меѓутоа, со самиот факт дека немавме скијачка сезона, немавме снег сите тие резервации се пролонгираа за иден период, кога ќе имаме услови за отварање на туристичката сезона. Посетеноста на туристите е многу голема за време на викендите, имајќи во предвид дека викендите што поминаа беа сончеви, беше погодно за панорамски прошетки со шестоседот во нашиот центар. Во овие викенди беше во функција и жичарата шестосед и двоседот.

Дали имате некој податок за негативното влијание на климатските промени врз скијачкиот туризам во рекреативниот зимски центар Попова Шапка во последниве години?

Авзиу: Фактички минатата сезона беше најдобрата и најуспешната и со најмногу снег, имавме добра сезона, имавме голема количина на снег, и со самиот факт што ги имавме овие климатски услови, имавме околу 100 денови скијачка сезона во Попова Шапка. Не можам да речам дека последниве години сме имале некоја екстремна промена, но ова што се случи годинава беше непредвидливо и непланирано и не се сеќаваме да се случило некогаш во Попова Шапка.

Колкава инвестиција проценувате дека ќе биде потребна во зимскиот рекреативен центар Попова Шапка за да се обезбеди отварање на скијачка сезона во услови на топло време и недостаток на снег?

Авзиу: За да се отвори скијачка сезона во услови со температури повисоки од минусните потребен е систем за вештачки снег, таа инвестиција почнува од 1,5 до 3 или 4 милиони евра, во зависност од просторот што сакаме да го опфатиме и да го покриеме со вештачки снег. Имајќи ги предвид климатските услови што ги имаме оваа сезона, право да ви кажам и тој систем не секогаш помага и ги исполнува сите потреби на еден туристички центар, бидејќи имаме искуство и ги гледаме и центрите во регионот кои го имаат тој систем на вештачки снег, и тие не функционираат или функционирале во одредени денови по една недела или десет дена во моментите кога имало минусни температури по скијачките места. Денес добивме вест дека и туристичките центри во Србија и Бугарија го намалиле или целосно го исклучиле скијањето бидејќи нема доволни услови и климата им ги оштетила и скијачките патеки.

Има заинтересирани инвеститори за Попова Шапка чија понуда вклучува и создавање на вештачки снег. Да претпоставиме дека овој договор нема да се склучи, дали имате решение или алтернативен план или други планови како да го решите ова?

Авзиу: Имајќи го во предвид прашањето за преговорите што веќе се одвиваат меѓу работните тимови Влада – Стратешки инвеститор, една од главните стратешки точки за инвестирање во ски центарот Попова Шапка е и системот за вештачки снег, бидејќи овој систем е примарен производ на овој инвеститор. Со самиот факт што може да се инвестира верувам дека ќе имаме подобри и полесни услови за во иднина да имаме богата сезона и што порано да започне скијањето во Попова Шапка. Не сакам да бидам скептичен, сум оптимист дека овој вид на проект ќе се реализира и веќе веднаш ќе имаме работа на терен од моментот кога ќе има конкретен договор потпишан од двете страни.

Каде го гледате спасот во иднина од растот на влијанието на климатските промени врз скијачкиот туризам во зимскиот рекреативен центар Попова Шапка?

Авзиу: Единствениот спас е во инсталирање на системот за вештачки снег, со нивно усовршување, со нудење на други рекреативни можности и простории во нашиот центар за да се стави во функција и за време на летната сезона, не само за зимската. Се надевам дека ќе ни помогне и господ за да имаме доволни врнежи во иднина, за да не ни се повтори оваа година што поминува.

Дали во актуелнава скијачка сезона сте забележале рекордни температури на воздухот во вашиот скијачки центар и дали имате податоци за колку денови е намален бројот на денови со врнежи од снег и бројот на денови со снежна покривка во Попова Шапка?

Авзиу: Температурите што се однесува на овој временски период во Попова Шапка биле највисоки досега. Сме имале денови кога максималната температура била 15 степени целзиусови што не се памти да се случило во овој временски период во Попова Шапка. Сме имале многу малку денови со врнежи од снег и доминирала топлата клима и без врнежи и без снежна покривка на Шар Планина.

Попова Шапка сега се менаџира од ново друштво кое го менаџира само овој туристички центар. Колку се очекува ова да влијае во подобрување на капацитетите и условите за туристите во овој туристички центар? Што може да очекуваме во иднина?

Авзиу: Реално функционираме со истите капацитети, оној формалниот дел што е многу баран и очекуван за да функционираме полесно е реализиран, е завршен. Сме во финална фаза каде што го регистрираме целиот недвижен капитал што постои во Попова Шапка, а што е во сопственост на Акционерското Друштво Електрани на Северна Македонија, истиот недвижен капитал деновиве ќе биде доставен до соодветните институции како Централниот Регистар и Катастарот и ќе биде пренесен на новото претпријатие „Ски Центар Попова Шапка“. Се надевам дека ова ќе биде уште поголемо олеснување, со самиот факт дека во иднина ќе треба да биде склучен договорот со стратешкиот инвеститор, и ова е многу важен чекор за да се има полесен пристап и појасна и почиста документација која ќе треба да му се пренесе на стратешкиот инвеститор.

Кога ќе започне туристичката сезона за оваа година, какви новости ќе има?

Авзиу: Како што спомнав и погоре, ние планиравме во сабота или недела да започнеме со скијачката сезона земајќи ги во предвид претходните врнежи што ги имавме, климата се менува неколку пати во текот на денот и еве во моментов имаме врнежи од дожд. Доколку имаме доволни услови и врнежи како што е најавено, во петок, сабота и недела идната недела ќе ја отвориме скијачката сезона, ќе продолжиме со истото темпо каде што застанавме минатата сезона и ќе имаме и неколку дополнителни атракции и активности, за да биде подобро од лани.

Вреди да се спомне дека инвеститорите од Италија кои се интересирани за Попова Шапка од компанијата „ТехноАлпин“ го презентираа нивниот план за развој на овој туристички центар. Процесот е во рана припремна фаза и договорот сè уште не е потпишан, договорот се очекува да се потпише во текот на месец јануари. Инвестицијата е предвидено да се реализира во седум фази и достигнува вредност од околу 180 милиони евра. Во првата фаза се очекува предност да има изградбата на системите за вештачки снег, бидејќи се планира сезоната да трае подолго и да не зависи од снежните врнежи. Првата фаза што достигнува вредност од 55 милиони евра, се однесува на периодот 2023-2028, а другите фази (2-7) од 2028 натаму.

Инаку, најголемиот прилив на туристи во овој центар е во периодот кога учениците се на зимски распуст. Годинава има и промени што се однесува на цените на картите за скијање во викенд, и тие се за 20 отсто поскапи во споредба со минатата година. Додека преку неделата цените на скијачките карти се исти како и лани. Од овој центар велат дека и покрај ова цените се најниски во регионот.

 

Новинар: Фисник Џелили

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...