Група правници-климатски активисти побараа од Меѓународниот кривичен суд (МКС) да го испита бразилскиот претседател Жаир Болсонаро за неговите наводни напади врз Амазон, за кои велат дека претставуваат „злосторства против човештвото“, објави денес Си-Ен-Ен.
Австрискиот застапник за еколошка правда Олрајс утрово поднел официјална жалба до судот во Хаг. Поднесена е тужба против Болсонаро и неговата администрација за дејствија „директно поврзани со негативните ефекти од глобалните климатски промени“. Во жалбата се обвинува бразилскиот лидер за спроведување широка кампања што доведе до загрозување на светското население преку емисии предизвикани од уништувањето на шумите.
Во жалбата исто така се наведува дека Болсонаро е одговорен за приближно 4.000 квадратни километри уништена тропска шума секоја година.
Иако има најмалку три други жалби од локалните групи против Болсонаро во МКС од 2016 година, организаторите велат дека ова е прва што ја истакнува јасната врска помеѓу губењето на шумите и глобалното здравје на луѓето.
Адвокатот Најџел Повоас, кој ги гонеше некои од најозлогласените меѓународни криминалци, рече дека жалбата е поднесена против неколку лица во администрацијата на Болсонаро.
„Се фокусираме на највисоките одговорни актери“, рече Повоас.
Во септември 2020 година, Болсонаро се пофали дека Бразил ја штити својата животна средина и тврди дека на регионот Амазон му е потребен економски развој за благосостојба на жителите.
Тие тврдења наидоа на скептицизам, бидејќи сечењето на шумите и емисиите на штетни гасови во земјата се зголемуваат.
Бразил е петтата по големина земја во светот и огромни 59 отсто од нејзината територија е покриена со шума, голем дел од Амазон – кој работи како „клима-уред“ за целата планета, влијаејќи на глобалната температура и моделите на врнежи, и апсорбирање на јаглерод диоксид.
Болсонаро долго време загриженоста за животната средина изразена од странски влади, локални домородни групи и организации ги опишуваше како увертира за замислена странска инвазија на Амазон.
На подиумот на Генералното собрание на Обединетите нации во 2020 година, додека пламените јазици беснееја во Амазон, тој тврдеше дека странските агенти претеруваат во описите за пожарите и дека водат „најбруталната кампања за дезинформации“.
На истиот настан оваа година, Болсонаро ги призна „еколошките предизвици“, но се пофали дека во регионот на Амазон во август е забележан пад од 32 отсто на уништување на шумите во споредба со претходната година, повикувајќи се на бројки од Бразилскиот национален институт за вселенски истражувања. Сепак, бројот е речиси двојно поголем отколку што беше регистриран во август 2018 година, пред администрацијата на Болсонаро.
Првиот правен случај што експресно се обидува да го поврзе уништувањето на шумите со загубата на човечки животи е упатен на помалку од три недели пред почетокот на 26-та конференција на Обединетите нации за климатските промени КОП26 во Глазгов на 31 октомври, јавува Асошиејтед прес.
Климатскиот самит во Глазгов, кој ќе трае 12 дена, треба да обезбеди поамбициозни обврски во рамките на настојувањата глобалното загревање да се ограничи на значително помалку од 2 Целзиусови степени во споредба со прединдустриската ера.